Претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски денеска изјави дека до овој момент до Собранието на Република Македонија не е пристигнат никаков допис од Судот со барање за повлекување на имунитет на пратеници.
Според него, седницата на Комисијата би се одржала дури и без присуство на опозицијата бидејќи владејчкото мнозинство има доволно пратеници за кворум за работа.
– Веднаш штом ќе пристигне таков допис јас ќе ја закажам седницата на Комисијата, изјави Богоевски.
Засега, како што кажа пратеникот од Коалицијата предводена од СДСМ, во Собранието нема никакви активности во врска со тоа.
Богоевски кажа дека нема никаков коментар околу политичката димензија на случувањата.
– Тоа што можам да го кажам е дека врз основа на член 53 од Деловникот на Собранието ако и кога стигне допис од надлежен орган, што во овој случај е судот, ќе ја свикаме комисијата и ќе одлучуваме, рече Богоевски.
Според процедурата, како што појасни тој, барањето прво треба да се достави до претседателот на Собранието.
– Сигурен сум и дека имаме начин како и од далечина претседателот на Собранието да одлучи по некое барање, со електронски потпис, со ставање на своерачен потпис и така натаму. Во моментот кога претседателот на Собранието ќе утврди дека барањето ги исполнува условите од членовите 53 и 54 од Деловникот односно дека е поднесено од надлежен орган, во тој случај претседателот по службена должност го пренесува барањето до претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, кој што е должен во рок од два дена да заврши со седницата на која што ќе се донесе заклучок како ќе се постапи по барањето, рече Богоевски.
Во врска со фотографијата на Митко Чавков од судот што Богоевски претпладнево ја објави на социјалните мрежи и имињата на приведените, пратеникот рече дека не чуствува дека прекршил никакво законско или морално правило.
– Таа фотографија кај мене стигна по социјалните мрежи, а имињата беа претходно објавени од медиумите. Значи, јас како индивидуа и како пратеник немам објавено ништо што претходно не било достапно и не чуствувам дека сум прекршил некое законско или морално правило, рече Богоевски.
Меѓу другите членови на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања се и неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за кои се тврди дека се притворени. Во работата на Комисијата, доколку се одржи, ќе можат да учествуваат нивните заменици, но и без нив, како што кажа Богоевски, Комисијата ќе има кворум за работа.
Во Собранието денеска има мал број пратеници, генерално од владејачкото мнозинство. Комисијата за финансирање и буџет е одложена, а нејзиното продолжение дополнително ќе биде закажано.
Пратениците што ги затекнавме во салите до прес-центарот рекоа дека немаат коментар во врска со денешните настани. Единствено Горан Мисовски од НСДП кажа дека негов единствен коментар е дека конечно профункционира правната држава.
– Се од овој момент натаму е во рацете на институциите на правосудниот систем, изјави Мисовски.
Бранко Манојловски од ДУИ кажа дека засега нема никакво мислење.
– Немам никакво мислење. Тоа се случи и заврши. И сега да гледаме за поубаво нешто, рече Манојловски одговарајќи на прашање за тоа дека на разговор се повикани пратеници инволвирани во настаните од 27 април.
Васко Ковачевски од СДСМ рече дека нема коментар во врска со информациите за нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ и дека информациите ги добил од социјалните мрежи.
– Имавме закажана седница на Комисијата за финансирање и буџет и претседателката Кузмановска ја откажа. Не знаеме зошто е одложена чекаме информација, рече Ковачевски.
Very well-written and funny! For more information, visit: DISCOVER HERE. Looking forward to everyone’s opinions!