Почна санацијата на големите одрони на патниот правец Кочани – Делчево

Почна чистењето на големите камени одрони кои повеќе од две години стоеја на меѓународниот пат за Бугарија на делницата Истибања – Мaкедонска Каменица.

Како што информираат „Гранит“, кој е изведувач на работите, за чистењето на одроните во овој дел била потребна дополнителна техничка информација. Во моментов одроните се чистат машински, а по потреба и ќе се минираат одредени делови, при што ќе има и повремени застои во сообраќајот на оваа делница. Планирано е на критичните делови, каде постојано се јавуваат одрони да се ставаат мрежи габиони со што ќе се превенираат одроните.

Станува збор за отстранување на повеќегодишните одрони кои им создаваа големи проблеми на возачите, а беа и вистинска опасност за сите минувачи на овој патен правец. Честите одрони, амортизираната асфалтна основа и слабата сигнализација на патот се само дел од опасностите со кои се соочуваа жителите од општините на крајниот исток, но и даваа лоша слика на сите кои го користат меѓународниот патен правец за Бугарија.

Санацијата на одроните е во рамките на реконструкцијата на патниот правец Кочани – Делчево во должина од 33 километри, која подразбира проширување и санација на мостовите и рехабилитација на патот.

Реконструкцијата на патниот правец Каменица – Делчево, веќе е во завршна фаза. Според информацијата, градежните работи треба да завршат до крајот на летото. Изведувач на работите е „Гранит“ а инвеститор е ЈП за државни пaтишта.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *