Во Охрид меѓународен научен собир „Охрид и Балканот, археолошки погледи“

Во организација на Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, во Охрид се одржува научен собир со меѓународно учество „Охрид и Балканот, археолошки погледи“.

Собирот на кој свои излагања ќе имаат експерти по археологија, историчари, професори од Северна Македонија, Грција, Бугарија, Словенија и САД, се одржува по повод 80-тиот роденден на академик Вера Битракова-Грозданова за чие дело, од науката оценето како „приказ на случувањата – 10 века наназад во антиката”, осврт ќе даде професор Силвана Блажеска.

Учеството на еминентни научни работници од Грција на собирот секако е последица на подобрувањето на политичките и меѓудржавните односи на двете држави после потпишувањето на Преспанскиот договор, иако самите академици укажуваат на добра соработка и позитивни искуства од соработката со нивните грчки колеги и претходно.

Инаку, Вера Битракова-Грозданова е првиот експерт на балканските простори за Десаретија, регионот на Охрид и Преспа, посебно за островите Голем Град и Свети Ахил. Таа е автор на повеќе од сто научни трудови, учесник е на многубројни меѓународни научни собири и добитник е на повеќе научни и општествени признанија како наградата „Гоце Делчев“ за обемната студија „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија“, на престижната европска награда „Хердер Прајзе“ доделена од Универзитетот од Виена за достигнувања во науката од сферата на историјата на уметноста и ранохристијанската археологија, како и за запознавањето на светот со спомениците од Македонија, на Републичката награда „Климент Охридски“ за достигнувања во областа на културата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *