Почнувањето преговори за пристапување со Северна Македонија ќе биде придонес за Европската Унија и заеднички успех на соработката на земјата со Европската комисија, оцениле премиерот Зоран Заев и неговиот ирски колега Лео Варадкар кои остварија средба на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Двајцата соговорници, како што соопшти владината прес- служба, се осврнале на 25-годишното воспоставување на дипломатските односи меѓу двете држави исполнето со силна поддршка од Ирска за евроинтегративните процеси на нашата држава.
Премиерот Заев го запознал Варадкар со актуелните заложби на државата во овој процес и за оптимистичките очекувања од Самитот на Европскиот Совет во октомври.
Ова оптимистичко очекување, посочил премиерот Заев, се должи на десетте последователни позитивни препораки на Европската Комисија, на заклучоците на Европскиот Совет во 2018 и 2019 година, како и на поединечната поддршка на земјите членки на ЕУ, како и на остварените резултати на земјата во спроведувањето на реформите согласно европските стандарди.