Прогласувањето на Шара за национален парк ќе ја покаже зрелоста кон европските вредности

Процесот на прогласувањето на Шар Планина за национален парк финишира заедно со процесот на почнување на преговори за членство во Европската унија. Зачувувањето на животната средина ќе покаже колку сме созреани во насока на европските вредности во оваа област, посочија денеска учесниците на настанот „Шар Планина како европска еколошка вредност“ што го организираше Секретаријатот за европски прашања и општина Тетово.

– ЕУ не е само политичка унија на држави, тоа е систем на идеи и вредности, регулативи и директиви, а животната средина е едно од важните прашања на тие вредности кои ние мора да ги почитуваме, не поради ЕУ, туку поради нас самите. Заедно со општината и со амбасадорите ја промовираме потребата од прогласување на Шара за национален парк. Работите привршуваат и во наредните месеци очекуваме тоа да се реализира и драго ми е што таа динамика коинцидира со процесот на започнување на преговори со што даваме две пораки дека политички созреваме да станеме дел од Унијата, а и дел од практичните прашања како што е животната средина сме подготвени да ги живееме европски. Република Северна Македонија има девет проценти заштита во смисла на биодиверизитетот, а со прогласување на Шар Планина, тој процент бил се зголемил на 12 проценти со што се доближуваме на европските стандарди за заштитено подрачје, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Според градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, стратешки е важно да се прогласи Шара за национален парк, да се зачуваат природните богатства и да се развие еко туризам кој ќе биде додадена вредност.

Стручните лица од животната средина ја потенцираа потребата од итно прогласување на Шар Планина за национален парк.

– Од 1994 има иницијативи за прогласување на Шара, но никогаш не вродија со плод. Сега сметам дека климата е подобрена и се ближиме до крајот. Ќе ги заштитиме сите природни ресурси и богатствата кои ги има, вели професорот Славчо Христовски од Македонско еколошко друштво.

Во рамки на настанот, учесниците пешачеа од месноста Сидол кај Попова Шапка до Шипковички бачила близу шарпланинското село Шипковица каде беше подготвен – пикник со традиционални јадења.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *