Стручните екипи од Градежниот институт „Македонија“ (ГИМ) ги завршија теренските истражни работи за проектирање на браната „Пониква 1“ во месноста Арамиска Чешма на Осоговските Планини.
Со испитувањата е направен ископ на бунари по оската на браната со длабочина до четири метри, како и геотехничко картирање на јадрото од дупнатините, при што се добиени задоволителни резултати.
–Завршено е истражното дупчење на три локации на профилот на браната на Пониква, и согласно тендерската документација, земени се соодветен број проби што се доставени за анализа. Во тек е изработката на елаборатот од изведените технички истражувања за браната, па врз основа на добиените податоци од лабораторија, осознаените податоци од терен и утврдување на потенцијални локации за позајмишта на материјали, набргу ќе биде изработена документацијата за браната на Арамиска Чешма. Првите впечатоци се сосема солидни, така што месноста, според идејата за којашто е наменета, сосема одговара и очекуваме во блиска иднина на локацијата да има изградено брана, истакна Љупчо Кулаков, инженер-геолог.
Капацитетот на идната брана на Осоговските Планини е 52 илјади кубни метри, вода кшто е наменета за водоснабдување на селата Рајчани, Нивичани и Пантелеј, како и за водоснабдување на туристичката населба на Пониква, што е основа за идниот развојот на планинскиот туризам.
–На Пониква подолго време се инвестира во сместувачки објекти, викенд-куќи, ресторани, хотели, но за идниот развој неопходно е долгорочно решение за водоснабдувањето. Од тие причини, ние како општина издвоивме средства за проектирање на браната на Арамиска Чешма. Наскоро очекуваме проектот да биде завршен, а со предмер-пресметката ќе знаеме како да се финансира изградбата на оваа брана која е од огромно значење за развојот на туризмот и на цела Пониква, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Освен за водоснабдување, водата од акумулацијата ќе може да се употребува и за производство на вештачки снег, а во следната фаза да се овозможи и нејзино прилагодување за екстремни зимски спортови.
За техничките испитувања на теренот за изградба на браната „Пониква 1“ од општинскит буџет на Кочани беа издвоени 2,5 милиони денари.