Споменикот на природата Вевчански извори вратен на владение на Општината

Општина Вевчани ги доби ингеренциите да управува со Споменикот на природата „Вевчански извори“, односно со просторот од изворите се до границата со соседна Албанија. Пред Советот на општината и во присуство на ресорниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, евроамбасадорот Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во земјата Нарине Сахакјан, денеска беше претставен и усвоен Планот за управување со заштитеното подрачје Вевчански извори.

Во 1999 година со одлука на тогашниот состав на Советот на општината Вевчанските извори беа прогласени за природна реткост со особена важност и споменик на природата, а од 2012 година со него управуваше државата. Сега дваесет години подоцна природната реткост по која е познато Вевчани повторно се враќа под општинска ингеренција.

– Во рамки на општината ќе формираме посебно одделние со ренџерска служба задолжена за грижа за природната реткост. Ќе биде ангажиран и шумарски инженер што ќе ја мониторира состојбата со биодивертзитетот, како и советник за еко и рурален туризам, рече градоначалникот Сашо Јанкоски.

Амбасадорот на ЕУ Самуил Жбогар ја поздрави донесената одлука на Советот на општината за да ја преземе грижата за природното богатство.

– Оваа одлука соодветствува со кампањата на ЕУ „Чисто како дома исто“, преку која предвидуваме финансиска поддршка за инвестиции во заштита на животната средина. Токму ваквите примери како вевчанскиот покажуваат како една мала заедница, општина може да биде лидер и да демонстрира како да се живее во хармонија со природата, рече амбасадорот Жбогар, притоа заблагодарувајќи се на сите субјекти како општината, невладините организации „Еко свест“ и Црни камен“, Канцеларијата на УНДП во земјата и ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање за нивната помош во реализирањето на проектот.

Амбасадорот на УНДП, Нарине Сахакјан со мислење дека Македонија како регион е жариште на биодиверзитетот, природната разновидност на Балканот, но истовремено со укажување дека треба да се работи на поголема грижа и заштита на природните убавини што ги поседува.

– Во државата постојат 86 подрачја прогласени за природни реткости и се под посебна заштита, но тоа не е доволно оттаму што дури и заштитените региони се под силен анторпоген атак преку човековите активности. Постои погрешна претстава кај луѓето дека менаџирањето со заштитените подрачја бара дополнителни трошоци. Затоа сме тука, преку заедничките проекти со Министерството за животна средина финансирани од ЕУ, да демонстрираме дека заштитата на животната средина има потенцијал да донесе и економска добивка, рече Сахакјан .

Таа истакна дека Општина Вевчани е пионер во тие активности, а според начинот на кој администрацијата ги спроведува сите планови за развој и заштита на природните реткости, може да послужи и како модел за успешно менаџирање за другите средини.

– Веќе се спроведени неколку активности и иницијативи, така што верувам дека заштитеното подрачје Вевчански извори во иднина ќе биде прогласено и за национален парк, рече Сакахјан.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *