Бесплатни садови за отпад на домаќинствата во Струмица

Бесплатни садови за отпад на домаќинствата се делат од денеска во Струмица. Новите садови први ги добија граѓаните од улицата „22 декември“, а во наредните десетина денови сите домаќинства во градот ќе ги добијат овие садови.

Директорот на ЈПКД „Комуналец“, Зоран Горгиев информираше дека на домаќинствата во општина Струмица ќе им бидат поделени 8.500 садови за отпад, а последен пат се делеле такви садови пред повеќе од дваесет години.

– Сметам дека и свеста кај граѓаните за правилно одлагање на отпадот, посебно во населените места каде во релативно краток период го собираме отпадот, ќе биде подигната на едно повисоко ниво и во новите садови да се става само комуналниот отпад и се надевам дека тоа ќе биде еден чекор во понатамошното организирање на собирањето на отпадот со негова селекција, рече Горгиев.

Набавката на садовите за собирање отпад чини околу  осум милиони денари.

Како што информираше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, акцијата е во тек и досега се одвивала во сите населени места каде има организирано собирање отпад од страна на комуналното претпријатие.

– Секое домаќинство ќе добие нов сад за одлагање на отпадот и сметаме дека со тоа ќе придонесеме за подобрување на хигиената во градот и за поурбан изглед на градот. Садовите граѓаните ги добиваат бесплатно, значи општината е таа што ќе ги плати овие садови и во рамки на големата кампања „Еко фронт-чиста да ни е“ ќе биде едно подобрување на имиџот на нашиот град, како средина која дава максимални напори за подобрување на амбиентот, рече градоначалникот Јаневски, кој присуствуваше на делењето на садовите за одлагање отпад.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *