Спелеолошкиот објект ,,Киселичка пештера” прогласена за природна реткост

Спелеолошкиот објект Киселичка пештера што се наоѓа на подрачјето на општина Делчево, во селото Киселица, согласно со Законот за заштита на природата, Министерството за животна средина и просторно планирање неодамна ја прогласи за природна реткост.
Согласно со решението за прогласување за природна реткост, со неа ќе управува Општина Делчево, од каде информираа дека, освен оваа природна реткост, во тек е постапка за заштита на уште два локалитета.
-Во рамки на своите надлежности за управување со Киселичка пештера, наша цел ќе биде да се спречи нејзино оштетување, уништување, како и да се спречи извршување на други активности, од страна на физички и правни лица со кои директно или индиректно може да се загрози природната реткост. Освен за оваа природна реткост, во тек е постапка и за локалитетот кај Стамер кое е познато палеонтолошко наоѓалиште на пикерминска фауна, како и карактеристичниот геолошки профил кај Звегор, информираа од Општината.
Меѓу обврските што ги налага управувањето со природната реткост Киселичка пештера, како што дополнија од Општината, ќе се спроведат заштитно-превентивни мерки, но и ќе се преземат активности за уредување на просторот преку поставување информативни табли и сл.
Претходно, во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) координиран од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем, во партнерство со Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР), Општина Делчево изработи три елаборати за валоризација на природната реткост.
Прогласувањето на овие три локалитети за природна реткост, според очекувањата на локалните власти, ќе придонесе за заштита на значајните локалитети, но и нивно ставање во функција на туризмот која е приоритетна цел во ЛЕР на Општина Делчево.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *