Стартуваше ,,Тиквешки гроздобер”, можност да се дегустираат грозје и производи од грозје

Стартуваше тридневната манифестација „Тиквешки гроздобер”. На посетителите, покрај богатата музичко забавна програма, им се нуди можност да дегустираат грозје и производи од грозје. Меѓу првите поставени штандови на градскиот плоштад во Кавадарци, беше тој на земјоделско шумарското училиште „Ѓорче Петров”.

-Се претставуваме со сите активности кои ги имаме со учениците. Имаме сопствени лозови насади, произведуваме и одредени количини на вино и ракија, но не за продажба, туку за презентација и промоција на училиштето. Учениците го учат лозаровинарството преку теорија и пракса. Нашето мото е „денеска ученик, утре стручно лице”, рече директорот Горан Велковски.

Професорката Менча Мајсторова појасни дека годината е сушна, но дека прават максимални напори во училиштната економија да произведат одлични производи од грозје.

Професорот Коце Попов потсети дека од минатата година како училиште соработуваат со две винарии, кои стипендираат ученици. Целта им е да ги едуцираат младите дека земјоделството е важна гранка која заслужува почит, внимание и посветеност.

Присутните ученици нагласија дека освен од родителите, занаетот го печат и во училиште и сакаат во иднина или да отворат свои семејни бизниси, или да се вработат како енолози во некоја од винарските визби.