Отворен агро-саемот „Струмица 2019“

Педесет излагачи од земјава и странство учествуваат на агро-саемот „Струмица 2019“ што беше отворен денеска во Струмица на плоштадот „Гоце Делчев“.

На отворањето се обрати министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој истакна дека оваа манифестација е одлична можност за сите земјоделски производители на свој автентичен начин да го претстават производството на градинарски производи, на вино, мед, традиционална храна, а увозниците на механизација ќе може да ги промовираат последните технолошки достигнувања, кои секако можат да помогнат и да го осовременат процесот на производство на земјоделски култури.

-Токму за оваа намена преку Програмата за рурален развој, финансиска поддршка од 2.000 евра ги поддржуваме земјоделските здруженија кои што имаат идеја за организација на вакви настани, преку кои ќе се промовираат домашните земјоделски производи. Со реализација на ваквите мерки даваме сериозен сигнал дека министерството и Владата на Република Северна Македонија, освен што сме фокусирани на креирање на мерки кои го развиваат агро-секторот, посветено преку Програмата за рурален развој, создаваме и услови за промоција на домашните производи, рече министерот Димковски.

За градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, поддршката на земјоделството во општината е еден од приоритетите на локалната самоуправа.

-Таквата наша интенција има покритие со општото сознание дека аграрот е препознатлива гранка за нашата општина и регион и дека оваа гранка значи егзистенција и живот за илјадници наши сограѓани, рече во своето обраќање градоначалникот Јаневски.

На отворањето се обрати и Сања Бојаниќ, заменик на постојаната претставничка на УНДП, која истакна дека отворањето на саем во еден од главните цнетри на земјоделството во Северна Македонија е навистина голема чест, но не е само отворање на саем, туку е битна традицијата и напорот што се вложува во производството на земјоделските производи.

Организаторот на саемот, Здружението „Проагро фармери“ од Струмица им додели благодарници на најуспешните земјоделци кои применили нови и современи мерки во нивното производство.

Саемот е дел од проектот „Модерно и квалитетно производство кај градинарите во Банско, Муртино и Робово“, кој се спроведува во рамките на програмата за локална демократија во Западен Балкан, финансиран од ЕУ, спроведувана преку УНДП.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *