Заев наспроти ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, го брани предлогот за нов министер за финансии

Теоретски лажен популизам, во пракса лоша хазардерска политика, вака пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги оценија новите предлози на Владата за министри во ресорите финансии и подобрување на инвестициската клима.

Според ВМРО-ДПМНЕ, лапсус на Заев е предлогот Нина Ангеловска да биде министер за финансии зашто таа на своите вработени, како што објавиле некои медиуми, им дава плата од 12.500 денари и тоа „на рака“, додека она за себе земала 70.000 – 80.000.

Заев одговараше на сите критики што ги изнесуваа опозициските пратеници, порачувајќи им да излезат од шаблонот на назначување министри и други функционери исклучиво од партиските редови и да почнат да ги уважуваат младите, успешни луѓе, да им даваат шанса.

-Од биографијата на Ангеловска никаде не може да се прочита како таа планира да го стопира задолжувањето на државата, да направи исчекор на градежништвото, да поттикне  странски инвестиции, да ги задржи младите во државата. Сигурно не на начин како што им дава плата по 12.500 денари на своите вработени Ако е така, сте направиле голем лапсус за избор на местото во финансиите. Теркот по кој досега ги одбиравте министрите беше: „слушај, не гледај, спроведувај и не прашувај зошто тоа го правиш“. Тоа се вашите критериуми, без да водите сметка за последиците, рече Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

По неа за збор се јавија и Зоран Илиоски, Димитар Стевананџија, Лилјана Кузмановска,…, но најостар беше Влатко Ѓорчев.

-До пред некој ден немав намера остро да дискутирам кон Нина Ангеловка, но вчера прочитав нешто и барам одгвоор. И Заев и Ангеловска бараме да кажат дали таа им исплаќа минимални плати на своите вработени во фирмата од 12.500 денари и дали им дава плата на рака. Дали ИТ инженерите се пријавени на минималец? Ако е така ова се, со кое лице таа зема 70.000 – 80..000 денари плата кога на вработените им дава по 200 евра и дали е тоа за да не плаќа придонеси? Ова што го прочитавме е страшно и затоа бараме одговори и од Ангеловска и од Заев, истакна Ѓорчев.

На тоа реагираше премиерот Заев, нагласувајќи дека е „најлесно да се истресе што било од ракав, да се кажуваат лажги со опашки“.

-Со ваква драматургија ли ќе им даваме шанса на младите, успешни луѓе или е важно само да се соберат политички поени, независно што ќе се случи. На Ангеловска треба да и се симне капа, потенцира Заев.

Премиерот во обраќањето, но и во одговорите на обвинувањата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати повтори дека економските параметри во сите сегменти покажуваат раст, а тоа ја плаши опозицијата. Според Заев, неврбптеноста е намалена, БДП и странските инвестиции бележат раст, а растат и домашните вложувања.

Пред почетокот на расправата, Илија Димовски побара оставка од Заев зашто, како што рече, земјава се наоша во политичка агонија која е најдобро да заврши што покскоро.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *