Пендаровски-Димитров: „Рекет“ не е бенчмарк и нема да биде до октомври

Случајот „Рекет“ не е бенчмарк, а нема ниту да биде до октомври, ако државните органи продолжат со овој досега соодветен начин на третирање на случајот. Според реакцијата на државата и на системот досега, нема ни да биде. Но, ако во наредниот период не продолжи со темелна и ефикасна истрага, тоа може да стане.

Ова е одговорот од претседателот на државата Стево Пендаровски на прашањето од МИА дали „Рекет“ станува новиот бенчмарк за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ.

– Во овој момент не е, моја проценка е, наша проценка е дека нема ни да биде до крајот на годината, бидејќи ова што досега го направија надлежните државни органи е соодветна реакција. Меѓутоа случајот очигледно е комплексен, да оставиме на надлежните органи да продолжат да го работат. Ако не продолжат со ова темпо, со ова широчина и длабочина со која почнаа досега, тоа  може да стане. Но, сега не е и нема да биде до октомври, истакна претседателот Пендаровски, кој денеска се обрати на состанок на Амбасадорскиот совет на кој се расправа за европска перспектива на Република Северна Македонија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на истото прашање потенцира дека не може да каже оти „Рекет“ е бенчмарк или дека е услов.

– Меѓутоа колку повеќе одиме по добриот пат и во однос на истрагата, тоа ќе биде од помош и поддршка на напорите на нашите дипломати и државниот врв да обезбеди позитивна одлука во октомври, рече шефот на дипломатијата.

Посочи дека не може политиката да се меша и да вели, како што рече, имате рок и до тогаш да заврши истрагата, да подигнете обвинение.

– Но битно е меѓу другото и со помош на медиумите во смисла на транспрентно и фокус во известувањето за оваа истрага и случувања, постапката на обвинителството да одат на линија на непристрасна, целосна, темелна, каде и да оди независно од позицијата, да одат во насока на расчистување на начин што ќе биде плус во напорите на нашата дипломатија, нагласи шефот на дипломатијата.

Донесувањето на законот за ЈО, потенцира Димитров, е од голема помош во работата на нашата дипломатија да обезбеди позитивна одлука во ЕУ за почеток на пристапните преговори.

– Тоа не е тајна, такви пораки доаѓаат и од делегацијата овде и од амбасадори на  земјите-членки и од министри, било да одиме ние таму на посета било да се тие тука. Зошто, затоа што успехот таков каков што е во досегашната работа на СЈО, ресурсите што се создадени треба да се зачуваат и да се надградат, да се гони висока корупција не само во однос на кризата во 2015 и 2016 година, туку воопшто, појасни министерот Димитров, додавајќи оти не е тајна дека на некои земји членки тоа им е посебно важно.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *