Д-р Леон Сперов – доктор од светски глас

Познатиот гинеколог и специјалист за имунологија проф. д-р Леон Сперов е роден во Лореин, Охајо на 2 јули 1935 година, а по потекло е од селото Герман, едно од најголемите и најубавите села во Долна Преспа. Д-р Сперов е член на бројни национални и регионални организации.Тој е познат и признат автор на повеќе научни книги, особено на една од најкористените медицински книги „Клиничка гинеколошка ендокринологија и стерилитет“, чие прво издание се појави во 1973 година

На покана на поранешното Министерство за иселеништво на Република Македонија и нејзиниот министер Мартин Треневски, прочуениот американски и светски научник и гинеколог д-р Леон Сперов, професор по акушерство и гинекологија и репродуктивна ендокринологија на Орегонскиот медицински факултет, на Универзитетот за медицински науки во Портланд, престојуваше неколку дена во Македонија. Заедно со авторот на овие редови, Славе Катин, д-р Леон Сперов, меѓу другото го посети неговиот дом во Љубојно и повеќе места во Преспа. За одбележување е тоа што го посетивме граничниот премин, кој е затворен, кај селото Долно Дупени, за да ѕирнеме на кај Герман, од каде се корените на д-р Сперов.

Селото Герман е едно од најголемите и најубавите села во Долна Преспа. Тоа е познато и по тоа што во 1888 година е пронајдена надгробна плоча на комитата Никола, жена му Рипсимија и синот Давид. Таа била поставена таму од цар Самоил.  Гробот на кого што била поставена не е пронајден, но се смета дека се наоѓал во црквата „Свети Герман“. Не е познато кога умреле Никола и жена му. Се претпоставува дека комитата Никола умрел во селото Герман или во околината, каде што и може да управувал. Моментно плочата се наоѓа во Софискиот музеј, најверојатно пренесена во виорот на војните.

Во текот на престојот на д-р Сперов во Скопје, тој се сретна и разговараше со тогашниот министер д-р Драган Даниловски и директорот на Гинекологија и акушерство во Скопје проф. д-р Видое Димитриов. При посетата, пак, на Министерството на иселеништво, му беше доделен медалот „Свети Климент Охридски“ за неговиот придонес во афирмацијата на Македонија во светот. Потоа, тој ги посети и се сретна со свои колеги и роднини.

kjdh2

Селото Герман во Долна Преспа

Познатиот гинеколог и специјалист за имунологија проф. д-р Леон Сперов е роден во Лореин, Охајо на 2 јули 1935 година. Го завршил Денисовиот универзитет во Гренвил, Охајо во 1957 година, стекнувајќи се со диплома за завршен факултет, додека во 1961 година дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот Кеис Верстерн Ресерв во Клевленд, Охајо. Потоа д-р Сперов бил на специјализација на Универзитетската болница во Кливленд, во Болницата во Јејл во Њу Хавен и во други установи.

Мегу другите професионални задолженија, тој бил директор на Гинеколошко ендокринолошката лабораторија на Медицинскиот факултет Јејл и професор и претседавач на Гинеколошко-акушерската  болница  на Орегонскиот факултет за медицински науки во Портланд.

Д-р Сперов е член на бројни национални и регионални организации.Тој е познат и признат автор на повеќе научни книги, особено на една од најкористените медицински книги „Клиничка гинеколошка ендокринологија и стерилитет“,  чие прво издание  се појави во 1973 година, а шестото се појави во 2000 година.

Оваа позната книга е преведена на шпански (три изданија), португалски (четири изданија), српско-хрватски, италијански, фарски, германски, турски и грчки јазик. Исто така, тој е автор на книгата „Клинички водич за третман на возрасни жени“ и на „Клинички водич на контрацепција“, која е преведена на португалски, шпански и јапонски и на книгата „Клиничка гинеколошка ендокринологија и стерилитет“:

Во текот на престојот на Леон Сперов на Република Македонија го замоливме да говори за својата посета. Текстот што следи на прашањата на авторот на овие редови, се неговите одговори.

Така, д-р Сперов, меѓу другото го рече следното:

Уште на почетокот сакам да потврдам дека јас сум Македонец! Всушност, мојот дедо Наум Сперов Олков беше роден во селото Герман, Преспа, во Егејска Македонија. Тој го напуштил селото во 1911 година и заминал во САД. Таму тој останал десет години, работејќи на железниците ширум Америка и штедејки ги парите од заработувачката. Ние малку знаеме за тој период, со исклучок на она што тој ни го кажа дека не правел ништо освен дека штедел пари.

 Најверојатно на татко ми Васил го дал стимулот за патување за Америка, заедно со Севда и Стево во 1921 година. Тие патувале со воз до Марсеј, од каде продолжиле со брод. Потоа, од островот Елис заминале во Охајо кај Ѓорѓи кој подоцна ни стана кум и кој работеше во Железарницата во Лореин. Во Охајо тие купиле 24 акри земја (над десет хектари), на која имало куќа. Таму изградиле друга куќа и околу осум акри евтино им го продале или подариле на нивните соселани од Македонија, кои дошле дури во Америка да живеат со нив. Тоа биле Гела и Галица (Сотира) Котеви“ .

Во разговорот што го водевме во Љубојно, добивме инспирација да се  навратиме на неговите детски години. При што д-р Сперов ми рече:

Фармата имаше сè, беше вистинска македонска фарма. И денес можам да нацртам вистинска слика со сè што беше во неа. Имавме кокошки, свињи и една крава, која ја држевме поради млекото и за правење сирење. Имавме калинки, јаболки, цреши, круши и грозје. Одгледувавме пченка, домати, пиперки и тутун на дедо Наум за да си прави пури. Баба ми, пак, секој ден месеше леб.

Летно време, семејствата се собиравме, така што жените можеа да работат во подрумот да подготвуваат зимница. Жештината од големиот шпорет од дрва ја отежнуваше работата. Баба ми, пак,  немаше желба да готви на плинскиот шпорет во куќата. Единствениот повод кога го употребуваше тој шпорет беше кога ни правеше питулици (палачинки). Таа мислеше дека прави добри палачинки, бидејќи тие беа многи тенки. Најубаво се чувствувавме кога одевме на игранки за време на викендот, во зима во црквата, а на пикници во летото. Живо се сеќавам на кларинистот кој се викаше Кимо. Многу од пикниците беа спонзорирани од Социјалистичката работничка партија.

kdlc3

Кливеланд 

Кога моето семејство дојде во Охајо, оваа партија организираше курсеви по англиски јазик на новодојдените. Така, татко ми Васил научи англиски и стана доживотно убеден марксист. Причината што немам македонско име е поврзано токму со гореспоменатото. Кога сум се родил ме крстиле Делеон, по името на Даниел Делеон, основачот на Социјалистичката работничка партија. Кога наполнив седум години се појави опасност за комунистите во Америка, па затоа татко ми Васил ми го промени името во Леон, за да бида заштитен. 

Додека живеев на фармата дедо Наум работеше во Железарницата во Јужен Лореин. Секој ден одеше со автобус од дома до фабриката. Татко ми Васил, пак, имаше дипломи за електричар и за бербер. Тогаш семејството позајми 1.500 долари и купи стан на еден кат каде беше отворена берберница. Берберницата беше сместена на половина од зградата, додека другиот дел беше даден под кирија. 

Во 1943-44 година мојот татко Васил, Стево (кој работеше во фабриката за автомобили во Детроит), вујко Џим и кумот Ѓорѓи заеднички ја купија бираријата во Кливленд. Таа се наоѓаше на авенијата „Детроит“, на аголот на задната страна на италијанскиот кварт.

Една година живеевме во Кливленд. Притоа, морав да бегам од училиште дома, како единствен кој не беше Италијанец, бидејќи Италијанчињата постојано ме гонеа. Затоа, по четири месеци бев префрлен во „Специјално работничко училиште“, во кое доаѓав со транвај. Живо се сеќавам на тоа место. Во една соба бевме околу 20 деца од прво до осмо одделение, учевме француски, математика и моравме да купуваме по еден роман секој месец.

Потоа го купивме местото во Акрон. Сметам дека семејството беше мотивирано да го направи тоа поради соседството и за врските со Македонците во Акрон. Таму пет македонски партнери, од кои браќата Сперови, Васил, Стево и Крис, вујкото Џим и кумот Ѓорѓи го формираа кафето „5 Звезди“. Во него храната што се ја подготвуваше вујко Џим беше извонредна и вкусна. 

Јас бев првиот од нашата фамилија што имаше завршено повеќе од основно образование. Очигледно беше дека мојата фамилија, поради докторите и учителите кои потекнуваа од неа, биле многу почитувани во Македонија. Во очите на мојот татко, мој најголем дострел беше да станам и лекар и професор. Во првите години на училиште имав голема мака со јазикот, бидејќи најголем дел од времето го минував со баба ми која зборуваше само македонски. Кога доаѓам во Македонија, јазикот ми се враќа по 3-4 дена и кога тоа се случува навистина ме обзема чувство на топлина и убавина.

За време на мојата кариера јас бев учител, клиничар и истражувач. Но, најмногу од сè се гледам себеси како учител. Затоа, мојата книга е, всушност, моето достигнување. Оваа книга е најпродавана од областа на гинекологијата и акушерството. За првото издание, јас и моите двајца коавтори напишавме еднакви делови. До четвртото издание јас станав автор на целата книга. Повеќето од важните медицински книги, а можеби и сите се уредени од повеќемина научници и напишани од 30 до 70 стручни соработници. Мојата книга е единствена по тоа што е напишана само од мене… “

kbac4  lzbv5

Инаку, тоа доаѓање на д-р Сперов, му беше по петти пат во Македонија и во разговорите во текот на нашето другарување го рече следното:

„Целта на моето доаѓање во Македонија беше посета на Министерството за иселеништво и на семејството од страна на мојата тетка Ристосија (Вангелица), која беше мажена за Вангел  Бубутиовски, од Љубојно, Преспа.

Меѓутоа, при посетата бев многу пријатно изненаден кога го добив медалот „Свети Климент Охридски“ од министерот Мартин Треневски. Од сè е најважно тоа што моето семејство беше присутно на чинот на доделувањето на медалот. Кога ќе се вратам дома ќе уживам покажувајќи им го медалот на сопругата и ќерките. Имам намера да ги врамам медалот и дипломата, да ги закачам на ѕид каде се сликите од Герман во Преспа, моето семејство, баба ми и дедо ми.

Инаку, да бидам искрен не сум учел за Македонија и македонскиот народ. Така е со нас во дијаспората. Меѓутоа, сум се трудел по нешто да прочитам по весниците. Но се чини дека од списанието „Македонија“ научив многу за Македонија, особено од англиските текстови на Катин. Списанието за мене е прозорец кон светот кое го читам, се разбира, со тешкотии и на македонски јазик.

Исто така, после оваа моја посета на Љубојно и Охрид ме направи да се чувствувам како  вистински Македонец. Бев исполнет од топлина и уживање за овие денови во мојата Македонија. Затоа ви благодарам  за ова богато искуство што го додадов на сеќавањата за Македонија“, рече во разговорот познатиот и признат американски и светски научник и гинеколог од македонско потекло

Продолжува

slave

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *