Официјалниот старт на заедничките контроли на Табановце на крајот на август

Официјалниот старт на заедничките контроли на граничниот премин Табановце – Прешево ќе биде на крајот на наредниот месец, по усогласување на обврските на премиерите на двете држави, соопшти Царинската управа.

Република Северна Македонија и Република Србија на 12-ти овој месец потпишаа Договор за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин Табановце – Прешево. Со ова, како што стои во соопштението, двете земји се први од Западен Балкан кои ќе започнат со заедничка гранична контрола.

Концептот на заеднички гранични контроли со едно застанување “one stop shop”, значи поедноставени постапки што се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, со единствено застанување, преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само на едно место. Зедничкото царинење ќе овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, ќе се намали можноста за царински измами, поради непосредниот увид во документите што ја следат стоката, ќе се воведе контрола и вршење на граничните формалности од страна на сите надлежни органи за нивно спроведување, ќе се забрза протокот на патници и стока и ќе се заштедат ресурси потребни за реализација на концептот.

За патниците и транспортерите кои се движат од Србија кон Северна Македонија, граничната служба на Србија ќе спроведе излезна контрола на тертиторијата на нашата држава на граничниот премин Табановце, додека контролата за оние кои патуваат во обратен правец, излезната контрола  македонските гранични служби ќе ја спроведат на територијата на Србија на граничниот премин Прешево.

Во соопштението се наведува дека во изминатиов период Царинската управа со финансиска помош на Европската Унија и на Владата на Република Македонија изврши реконструкција и модернизација на инфраструктурата на граничниот премин на Табановце со што се остварени сите предуслови за започнување на заедничките контроли. Со воспоставување на новиот начин на работа и заедничката гранична контрола на службите на двете земји, коридорот 10 ќе биде поатрактивен и поефикасен за извоз, увоз и транзит на стоки.

-Граничниот премин Табановце е само почеток за крупните промени кои нѐ очекуваат на ова поле на повеќе гранични премини, во тек се и проекти со останатите  нашите соседи Албанија и Косово, што ќе донесат огромни бенефити за економските оператори, истакнуваат од Царинската управа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *