Поповска: Инспекторатот за животна средина купува коли со пари за лабораторија?

„Дали е точно дека Државниот инспекторат за животна средина има набавено две коли за директорот во последнава година, со пренамена на средства за опремување акредитирана лабораторија? Патем, лабораторија му е неопходна на ова тело, за да може да врши анализа на загадувањето на животната средина, кое сега го плаќа кај приватни лаборатории, или воопшто не ни прави анализи, поради недостиг на средства во својот буџет. Инаку, самиот буџет на државниот инспекторат е речиси симболичен, со најголема ставка за плати на десетина инспектори за цела Македонија. Дали е точно дека и така скромните средства на институцијата се трошат на непотребни патувања во странство на директорот и колку такви патувања се остварени последнава година?“, прашува пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ во пратеничко прашање до Владата, кое го упати денес, во неможност да го постави на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања.

„Колку теренски контроли се спроведени и колку казни се изречени во изминатиов период? Дали е точно дека на инспекторите им се забранува совесно да си ја вршат работата? Колку судски спорови се изгубени досега и кој го застапува инспекторатот? Колку договори за вработување се потпишани, за луѓе кои земаат високи хонорари и не идат на работа? Дали има осигурување и специјални обуки за инспекторите за безбедно вршење на нивната работа?“, прашува пратеничката.

Поповска се обраќа како пратеник од зелена партија, изразувајќи голема загриженост за непостапување на државниот инспекторат во случаи на сериозно загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните, за кои има и поплаки и реакции во јавноста. Како примери посочува: инсталации со А интегрирани дозволи, сепарации на песок наместо уредување речни корита како кај Лепенец и Гостивар, каменоломи како во Лабуништа, рудници со огромни јаловишта со хемикалии, урбана узурпација на заштитени подрачја како во Охрид, Матка и Струга, неисправни колекторски системи во езерата и многу други.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *