Концерт на Даниела Мартиновиќ во рамки на ,,Делчевско лето 2019″

Популарната хрватска пејачка Данијела Мартиновиќ е изведувачот кој ќе настапи на главната вечер на годинешното ,,Делчевско лето 2019″.

На денешната прес-конференција делчевскиот градоначалник Горан Трајковски ги соопшти имињата и на останатите музичари кои ќе настапат пред концертот на хрватската ѕвезда на 9 август на летната сцена во градскиот парк во Делчево.

– Општина Делчево во соработка со бизнис-секторот годинава организира спектакуларни концерти во рамките на „Делчевско лето 2019“. Ѕвезда на вечерта е хрватската пејачка Данијела Мартиновиќ чии хитови ги сакаат и млади и повозрасни генерации. Концертите ќе се одржуваат на 9 август кога, освен Мартиновиќ, ќе настапат девојките од „Дикато-бенд“, рок групата „Троја бенд“ и делчевците „The Jokers“, истакна Трајковски.

Традиционално, културните збиднувања започнуваат ноќта спроти верскиот празник Св. Пантелејмон, на 8 август, кога на летната сцена на Голак во партнерство со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, ќе се одржат меѓународните „Голачки фолклорни средби“.

Целта за организацијата на овие концерти како што додаде Трајковски е да се даде нов имиџ на градот, кој ќе раскаже нова приказна за Делчево.

– Како дел од она што минатото лето го договаравме со бизнис-секторот, во рамки на бизнис-форумот „Да ја поддржиме приказната за Делчево“, ги реализираме активностите од областа култура и културни настани, бидејќи тие ја даваат душата на градот. Целта и на Општина Делчево и на претставниците од бизнис- секторот е да им овозможиме на нашите граѓани и на граѓаните од регионот, незаборавна вечер и забава и заедно да испишиме нова традиција, истакна Трајковски.

Очекувањата на Трајковски се дека Делчево на 8 и 9 август ќе биде домаќин на илјадници гости од регионот.

– Мојот апел до сите делчевци е сите заедно да се потрудиме да бидеме добри домаќини и да испишеме нови спомени од градот под Голак, додаде Трајковски на денешната прес-конференција.

Општина Делчево по втор пат организира концерт од поголеми размери. Минатата година концертот на Игор Џамбазов и бендот на Гуру Харе, како и настапот на групата „Шекспир“, го проследија илјадници гости од регионот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *