Северна Македонија и Бугарија парафираа Протокол за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и бугарскиот вицепремер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска во Охрид потпишаа Протокол за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

– Станува збор за исклучително важен протокол со кој на повисоко ниво се подига соработката, размената на информации, оперативното делуивање на двете држави против трговијата со луѓе, како предизвик со кои се соочуваме и со кои ќе се справуваме со иднина. Таму каде има миграции има и трговија со луѓе. Мошне е важно соработката во областа на безбедноста да биде ефикасна, со што ќе испатиме порака дека балканските држави се подготвени за ефикасна борба, за една взамена соработка и оти можат да бидат кредибилни партнери на ЕУ, рече Спасовски по потпишувањето на Протоколот.

Тој изрази задоволство од поддршката што Македонија ја добива од Република Бугарија за интеграција на во НАТО и ЕУ, принципите кои и беа дел од агендата на Владата на премиерот Бојко Борисов кога државата беше претседавач со ЕУ.

– Се надевам дека сите заедно ќе продолжиме и понатаму да соработуваме, да ја испраќаме таа порака на пријателство и заедништво. Само со соработка и взамено делување, и двете држави и нивните граѓани, но и регионот може да имаат напредок, рече Спасовски.

За Каракачанов денешното потпишување на договорот претставува чекор напред во унапредувањето на соработката и односите меѓу двете држави.

– Трговијата со луѓе е тема за која европските институции не само говорат, туку и преземаат активности оттаму што се работи за кривично дело против човекот. Соработка меѓу двете држави по тоа прашање имаше и досега, најмногу во рамки на министерствата за внатрешни работи, но со овој документ двете држави ја потврдуваат решеноста категорично заеднички да работат во спроведувањето на европската политика за борба против тој порок во двете општества, рече Каракачанов.

Тој ја искористи можноста во име на Владата во Софија да ја повтори ставот на Република Бугарија за поддршка на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

– Сметам дека уште оваа есен ќе имаме добри вести за Македонија по однос интегрцијата во ЕУ, отпочнување преговори за членство, процес што ќе продолжи, но јасно ќе ја зацрта трасата на Македонија на патот кон европските вредносни системи и европското семејство, рече Каракачанов истакнувајќи дека Бугарија не се откажува од политиката да ги поддржува сите држави од Западен Балкан во нивните евроатлантски интеграции.

Каракачанов истакна дека таквиот став на Софија не бил деклариран само во времето кога државата претседаваше со ЕУ, туку се работи за конзистентна политика на Република Бугарија.

– Нашиот став  јасен, кога сите држави ќе бидат дел од големото европското семејство, кога ќе ги споделуваат истите општествени вредности и заедничките економски интереси, тоа ќе биде чекор напред кон надминување на сите проблеми што не раздвојуваат и го оптоваруваат Балканот децении наназад. Наместо да се враќаме во минатото и да ја бараме вината во други, заеднички да одиме напред во еден процес што е добар за граѓаните на нашите држави. Интеграцијата на Македонија во ЕУ останува наш приоритет,  додаде Каракачанов.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *