Многу е природно да се инвестира во однос на доверба и со новата Влада и мислам дека треба да работиме да ги убедиме во тоа што ние веруваме дека Договорот од Преспа е голема шанса и можност, а не товар, рече министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров во изјава за медиумите на маргините на конференцијата „Економист“ што се одржува во Атина.
-Ние во процесот на преговорите развивме една навика да мислиме на интересите на другиот и мислам дека затоа и овде дел од моите пораките беше дека „добра вест за Грција е добра вест и за Северна Македонија“. Мислам дека ако успееме да ја создадеме таа доверба и со новата Влада, Атина ќе има интерес ние да одиме напред во пристапните преговори кон Европската унија. Прво затоа што тоа е многу добро за нас, а по истата логика тоа ќе биде добро и за Грција и второ имплементацијата на Преспанскиот договор е врзан со пристапните поглавја во однос на постоечките документи, објасни министерот за надворешни работи.
Димитров, коментирајќи ги позициите на новата грчка Влада ги спомена изнесените ставови на министерот за одбрана на Грција на утринската сесија на „Економист“ кој се фокусираше токму на имплементацијата на договорот.
-Мислам дека има три важни столбови. Едниот е дека се работи за меѓународно право. Второ има многу голем меѓународен влог во договорот бидејќи беше поздравен од сите или речиси од сите политички центри во светот. Може многу да се изгуби сега ако се свртиме на страна и трето логично е и многу е природно да се инвестира во еден однос на доверба и со новата влада и мислам дека треба да работиме да ги убедиме во тоа што ние веруваме дека договорот од Преспа е голема шанса и можност, а не товар, рече Димитров и додаде дека важно е да се покаже дека Договорот од Преспа отвора и конкретни економски придобивки и за двете земји.
Околу разговорите за трговските ознаки, министерот објасни дека договорот има механизам и веќе постојат и од двете страни експертски тимови кои што е дел од комисијата што ќе ги решава конкретните прашања поврзани со брендови, трговски марки.
-Ќе има и меѓународни експерти кои ќе помагаат, ќе олеснуваат во тој процес. Така што добро е што имаме еден механизам што ќе го штити интересите на бизнисите од двете страни и тоа е почната работа. Треба веројатно после одморите тоа да се одвива поинтензивно, објасни Димитров.
Во однос на економски теми меѓу двете земји како што се нафтоводот Скопје-Солун, министерот истакна дека „политички гледано, ако го решивме најтешкото прашање“ кое тој на конференцијата го илустрираше со тоа дека „се искачивме на врвот на планината“, рече дека „ќе најдеме начин да се искачиме и на пониските брда“.
Во изјава за грчките медиуми, Димитров ѝ честиташе и ѝ посака успех на новата Влада на Грција и ја испрати пораката дека за време на преговорите за Договорот од Преспа заклучиле дека „она што е добро за Грција исто така е добро и за Северна Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Работевме напорно за да постигнеме договор, ова е добра основа за да се придвижиме кон пријателство и мислам дека ако со отворено срце ја искористиме оваа можност, ќе постигнеме спокој рече Димитров во изјавата на англиски јазик дадена за новинарите од Грција, при тоа зборовите „договор“, „пријателство“ и „спокој“ ги употреби на грчки јазик.
На покана на реномираниот магазин „Економист“, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија учествуваше во работата на 23-та тркалезна маса со грчката влада, насловена „Европа: оставајќи ја неодлучноста зад себе?“ и имаше обраќање на панел дискусијата посветена на Балканот и Договорот од Преспа.
-Не мислам дека постои поприродна врска меѓу двете држави освен да бидеме сојузници и стратешки партнери. Ние мораме да развиеме чувство овде во Атина со новата влада дека ова не е товар, туку можност. И ние ќе го направиме тоа, рече Димитров.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, МНР Димитров рече дека наместо за проширување треба да говориме за комплетирање, го подвлече успехот на Северна Македонија, рече дека наме потенцираше дека „оваа година имаме многу силен и уверлив случај во контекст на оствареното на планот на надворешната политика и домашните реформи“.
-Доколку Европа не го препознае ова со одлука за отпочнување преговори во октомври, пораката за регионот ќе биде – не се трудете да разрешувате тешки проблеми и да трошите политички капитал на заглавени и замрзнати прашања, не се трудете да инвестирате во реформи, можеби не вреди да го правите тоа, рече министерот.
Во неговото обраќање за да ја долови ситуацијата во односите меѓу двете соседни земји, рече дека сега се искачивме на врв од планина, зад нас оставаме студенило, зима и темнина, а пред нас гледаме пролет, зеленило и светлина. Истакна дека „треба да бидеме горди на тоа дека „овој пат добрите вести доаѓаат од Балканот“, порача дека „не можеме да ја смениме географијата или историјата, но можеме да изградиме иднина“, преку градење меѓусебна доверба и разбирање на другиот.
Во однос на очекувањата од новата грчка Влада, Димитров рече дека треба да се продолжи да се работи во иста насока, а Договорот од Преспа е договор, потпишан и ратификуван меѓу две земји и е дел од меѓународна право.
-Мислам дека треба да продолжиме да работиме во иста насока и со новата влада. Штом мојот колега Дендиас беше одбран јас бев во Словачка, му се јавив да му честитав. Ќе се сретневме, но мораше да оди во САД. Мислам дека ќе има поле на можност за да се изгради доверба, рече Димитров.