Неколку села во Гостивар ќе добијат канализациска мрежа

Неколку села и населби во Општина Гостивар, до крајот на годината ќе добијат канализациска мрежа. Од јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ појаснуваат дека во овој период се работи интензивно на проширување на канализациската мрежа и според проценките уште десет проценти од домаќинствата ќе имаат пристап до канализација.

– Со овие активности се опфатени домаќинствата кои досега не биле приклучени на канализациска мрежа. Планираме во блиска иднина да се продолжи со проширувањето на канализациската мрежа и во неколку околни села каде канализација е парцијална. Таков е случајот во селото Равен и неколку градски населби каде што не е поставена, вели Исак Љазами директор на ЈП „Комуналец“.

Во село Чајле се работи на канализациска мрежа со вкупна должина од 3.022 метри со што во ова село сите домаќинства ќе имаат приклучок на канализација. Во ова село се поставува и нова водоводна линија долга 450 метри.

Во Горна Бањица, каде досега немало систем за одвод на отпадни води, со завршувањето на изградбата на канализација со должина од 3.199 метри, целото село ќе биде опфатено со канализациска мрежа.

Интензивно се работи на изградба на канализација во село Беловиште, а деновиве започна и изградбата на канализација во дел од населба Бањешница.

Во селото Здуње заврши поставувањето на цевководот, во тек е доведувањето во првобитна состојба и се асфалтираат оштетените делови од улиците при изведба на градежните работи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *