Амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар на денешната средба со министерот за животна средина Насер Нуредини ја нагласил потребата од подигање на јавната свест на граѓаните, особено на младата популација, за прашањата за животната средина и информирал за еко-активизмот што ЕУ го иницира, а во таа насока и активностите кои се спроведуваат во рамки на кампањата под слоганот „Чисто, како дома исто“.
Како што соопшти Министерството за животна средина, Нуредини ја поздравил иницијативата и истакнал дека на граѓаните на Република Северна Македонија, а посебно на младите, треба да им се даде шанса да учат од другите земји, да споделуваат искуства, да применуваат најдобри практики, секако со заедничка поддршка и инвестирање во проекти за заштита на животната средина.
На средбата се разговарало и околу решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот и биле разменети искуства како другите земји ги решаваат овие проблеми и што дополнително би можела нашата земја да преземе во таа насока.
Амбасадорот Жбогар, како што се наведува во соопштението, исто така информираше дека следната година во рамки на Берлинскиот процес со кој ќе ко-претседаваат Бугарија и Република Северна Македонија, во фокусот на агендата ќе биде животната средина, што би значело и обезбедување на финансиска помош за земјите од регионот за решавање на еколошките проблеми.
Министерот Нуредини изразил благодарност за поддршката која ЕУ ја обезбедува за Република Северна Македонија во заштитата на животната средина со уверување дека ќе бидат вложени максимални напори за нејзино успешно искористување, со цел успешна реализација не само на тековните туку и на многу други идни проекти со цел заштита на животната средина и подобрување на животот на граѓаните.