Владата на Република Северна Македонија на 144-та редовна седница, ја разгледа и усвои Информацијата за формирање Работна група за презентација на Република Северна Македонија на ITU Telecom World 2019 и го задолжи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да ја состави и предводи нашата делегација на овој настан, кој претставува можност за промоција и привлекување странски инвестиции во Република Северна Македонија во сферата на телекомуникациите и ИТ секторот, како и поврзување со потенцијални партнери од областа на дигитализацијата на глобално ниво.
Дополнително, присуството на овој настан отвора можност за презентирање на бизнис климата и постигнатите резултати во областа на телекомуникациите во Република Северна Македонија, како и презентација на можностите за трет мобилен оператор во земјата.
На денешната седница Владата на РСМ донесе одлука за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година во висина од 9 милиони денари за замена на системот за греење на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу во Скопје. Со оваа одлука, согласно препораките од Планот за чист воздух и од Програмата за намалување на аерозагадувањето на Владата, ќе се замени системот за затоплување на домот за кој сега се користи мазут кој емитира повеќе од 28 килограми PM2.5 и исто толку PM10 годишно.
Со оваа одлука, студентскиот дом ќе биде претплатен на системот за централно греење во Град Скопје. Трошоците за греење ќе останат слични, додека загадувањето за загревање на студентскиот дом ќе се намали за седум пати.
На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за спогодба за соработка помеѓу Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа на Република Србија и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија во областа на дигиталната трансформација и го овласти министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски да ја потпише Спогодбата помеѓу Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа на Република Србија и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија во областа на дигиталната трансформација.
На денешната седница Владата го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Агенцијата за поддршка на претприемништво на Република Северна Македонија и Бугарската агенција за промоција на мали и средни претпријатија при Министерството за економија на Република Бугарија, со цел да се поттикне трговската и економската соработка на двете земји.
На оваа своја седница Владата на РСМ го прифати предлогот за проширување на Програмата за наводнување на Северна Македонија. Во врска со оваа точка, Владата го задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, да ја координира работата во врска со проширувањето на Програмата за наводнување на Република Северна Македонија преку обезбедување на дополнителни средства од развојниот заем на Владата на СР Германија и КФВ банката, во насока на прифаќање на зголемениот развоен заем во износ од 80 милиони евра и грант средствата од 2,8 милиони евра.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за статусот на реализација на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година (полугодишен извештај за периодот септември 2018 – февруари 2019 година).
Како дополнителен заклучок, Владата на РСМ ги задолжи сите органи на државната управа, согласно утврдените достигнувања во заложбата 3.2 „Можност за објавување на основните информации за јавните набавки на интернет-страниците на институциите (договорни органи во јавните набавки)“, во рок од 30 дена од усвојување на информацијата, на своите интернет страници (или ако немаат своја, на интернет-страницата на институцијата под чијашто надлежност работат) да објават линкови од објавените годишни планови за јавни набавки (и нивните измени и дополнувања), огласите за јавни набавки, известувањата за склучен договор и склучените договори и известувањето за реализиран договор за 2019 година, преку автоматско преземање на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и истото да го вршат континуирано, како што овие документи се објавуваат на ЕСЈН.
Владата оваа постапка за транспарентност на јавните набавки им ја препорачува и на единиците на локалната самоуправа.
Владата на денешната седница го прифати како свое мислењето на Министерството за информатичко општество и администрација за согласност на барањето за давање на автентично толкување на член 105 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поднесено од пратеникот Драган Данев. Членот 105 од Законот за ААВМУ предвидува дека Националната радио телевизија (НРТ) може да остварува дополнителен приход од продажба на програма и услуги, како и од комерцијални комуникации и со барањето за автентично толкување се отвора можност на НРТ да ѝ биде олеснет пристапот за склучување договори за права од меѓународни спортски натпревари и настани кои претставуваат посебен јавен интерес за граѓаните на Република Северна Македонија.
Muchas gracias. ?Como puedo iniciar sesion?