Учество на Димитров на неформален министерски состанок на ОБСЕ во Високи Татри, Словачка

Во Високите Татри вчера и денеска во организација на претседавачот со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак, се одржува неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на државите членки на ОБСЕ, на кој учествува и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Целта на Конференцијата е да се поттикне дискусијата за зајакнување на улогата на Организацијата како главен превентивен механизам во регионот на ОБСЕ, да се мобилизира политичката воља за искористување на постојните инструменти за разрешување на долготрајните и новите предизвици и кризи, како и да се зајакне дијалогот за местото и придонесот на ОБСЕ во структурата на мултилатералните организации.

Во своето обраќање министерот Димитров потсетил на еден од фундаменталните документи на ОБСЕ, Повелбата за Нова Европа усвоена во 1990, во која меѓу другото се вели: „Времето на конфронтациите и поделби заврши. Европа се ослободува од наследството од минатото.

– Во ова наше време, треба да се исполнат надежите и очекувањата што нашите народи ги негуваа со децении: постојана посветност кон демократијата втемелена врз почитување на човековите права и основни слободи, просперитет преку економска слобода и социјална правда и еднаква безбедност за сите земји, истакнал Димитров, соопшти денеска МНР.

Димитров повикал на демонстрирање политичка воља за разрешување, низ дијалог и соодветна интерпретација на консензусот во одлучувањето, на низа сериозни прашања на агендата на ОБСЕ, за кои сите држави имаат споделена одговорност.

Како еден од најсилните инструменти на организацијата, теренските мисии, како што е мисијата на ОБСЕ во Скопје, стои во соопштението, може да се користат и за поддршка на реформските агенди на земјите домаќини.

На средбата со генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер се разговарало за тековните предизвици со кои се соочува организацијата, како и за потребата од прилагодување на нејзиното делување во изменетиот безбедносен контекст. Министерот Димитров истакнал дека ОБСЕ е релевантен партнер во реформските заложби на Владата.

Како што стои во соопштението, на средбата со австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, Димитров изразил благодарност за континуираната поддршка на Австрија за интеграцијата во ЕУ и очекувањето таа да продолжи.

Информирал и за направените реформи и плановите во наредниот период, како и за нашите очекувањата во пресрет на најавената одлука во октомври.

Шаленберг истакнал дека за Австрија, одлуката за започнување на преговори со Северна Македонија во октомври останува приоритет и оти може да сметаме на нивна силна политичка и експертска поддршка во процесот на европска интеграција.

Димитров остварил средба и со неговиот шпански колега министерот Жозеп Борел, кој е номиниран за функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Министерот Борел, наведуваат во соопштението од МНР, дал поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Воедно, Шпанија ги поздравила досегашните напори и фокусот на реформските процеси, вклучително и на финализацијата на НАТО членството. На средбата се разговарало и за состојбите во регионот, при што заеднички било заклучено дека неговата иднина припаѓа во Европската Унија, со што ќе се заврши процесот на европското обединување.

На средбата со помошникот државен секретар за Европа и Евроазија на Стејт Департмент Филип Рикер, биле разгледани состојбите во регионот, вклучително и одличните билатерални односи. Во тој контекст се  разговарало за ратификацијата на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО и актуелните реформски процеси што ги реализира владата на Северна Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *