Претор – Втората туристичка дестинација во Преспа

Често се вели дека Претор е раскрсница меѓу Горна и Долна Преспа и покрај тоа што не се памети кога населението ја има именувано котлината на Горна Преспа, Долна Преспа и Мала Преспа. Меѓутоа, запишано е дека Горна Преспа го зазема северниот дел, Долна Преспа јужниот, а Мала Преспа југозападниот дел на Преспа

Ова тврдење е засновано, бидејќи Горна и Долна Преспа ги одделува ридот Веќе кај Претор. Мала Преспа и Горна Преспа, пак,  копнено се одделени со Пречна Планина, додека делот на Долна Преспа со Малото Преспанско Езеро од Мала Преспа ги одделува планината Сува Гора.

Инаку, едно од значајните домашни туристички места во кои вратите секогаш се отворени за сите туристи, посетители и намерници е, секако преспанската туристичка населба Претор. Таа после Отешево е втора туристичка дестинација во Преспа.

Претор е  познато туристички места во Македонија со своето летувалиште, песочните плажи, зимскиот рекреативен центар, угостителските објекти и бројните викенд куќи. Неколку стотици викед куќи се нанижани од местото каде постоеше некогашната Пумпата за вадење вода за наводнување на Преспанското Поле се’ до атарот на селото Сливница. Голем број од овие прекрасни куќи се постојани живеалишта.

Исто така, туристичката населба Претор, чие име е од староримското име на селото Претор, е познато туристичко место, особено по убавите климатски услови за рекреација, по сламените чадори и слатката вода на Преспанското Езеро, потоа по игралиштата за одбојка, модерните ресторани и, конечно, по ниските цени.

Посебно внимание привлекува традиционалната хумористичната приредба „Преторска свадба“ во изведба ба феријалците од Скопје и Битола. Сето тоа привлекува голем број туристи од Битола, Прилеп, Скопје, Ресен и други места од Република Македонија и пошироко и претставува своевиден културен настан за посетителите.

Детското одморалиште „Мите Богоевски“ во Претор кое работи во рамките на организацијата за одмор и рекреација на деца и младинци „Младост“ од Скопје, секако, е најпознатиот објект. Ова училиште во природа во изминатите децении било собиралиште на илјадници деца и младинци кои доаѓале на летување, зимување, екскурзии, спортски подготовки и настава во природа.

dom2

Претор

Во туристичката населба Претор плажата веќе неколку години е разубавена и се одржува во пристојна состојба за капачите и оние кои се рекреираат. На плажата има и ресторани и кафулиња. Во функција се оставени неколку работнички одморалишта и хотел. Исто така, во Претор работат феријалното летувалиште „Преспа Претор“ на битолските феријалци и детското одморалиште „Мите Богоевски“.

За жал, сите други објекти, кој пред неколку децении биле најголемото сврталиште за битолчани, прилепчани и жителите од Преспа, сега тонат во заборав, запуштени од предолгите стечајни постапки и недефинираната сопственост.

Исто така, денес летовалиштето Претор може да се пофали со бројните ресторани кои се нанижани како преспански гердан покрај Преспанското Езеро и во кои убавите и богати софри се надоплнуваат со надалеку познатиот преспански крап и  нивичката белвица (позната како циронка).

Затоа, многумина велат дека летовалиштето Претор со своите песочни плажи и убават храна е рај за одмор на душата. Воздухот и тишината, се чини  прочистуваат од корен и ги  поттикниваат посетителите повторно да дојдат во Преспа.

Селото Претор, пак, е сместено на источната страна на Преспанското Езеро, во падините на планината Баба, на патот Макази – Маркова Нога, недалеку од летовалиштето. Низ селото поминува Преторска Река, на која во минатото имало седум воденици, во кои жито мелеле повеќе села, дури и жители на Мала Преспа. Тоа е повеќевековно христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци.

dom3

Вилската населба Претор

Жителите на Претор изградиле две цркви и тоа: селската „Св. Архангел Михаил“, каде се наоѓаа и селските гробишта и црквата „Св. Сава“  (единствена со тоа име во Преспа), која се наоѓа на половина километар јужно од селото. Таа е изградена во 14 век и била метох на Сливничкиот манастир. Во минатото постоеле повеќе цркви, меѓу кои: „Св. Атанасиј“, црква од среден век.  „Св. Богородица“, црква и некропола од среден век;, „Св Петка“, црква и некропола од среден век; и „Св. Недела“, црква од среден век.

Од Претор потекнува нашиот драг колега Киро Јоновски, новинар и публицист, пасиониран сликар, истражувач и хроничар на родниот крај и Преспа. Како голем вљубеник во својот роден крај – Преспа, има напишано две публикации и тој е преспанчанецот кој и покрај многуте предизвици не се одвоил од своето родно огниште. Во ова пригода ќе споменеме дека ги користевме релевантните податоци на Киро Јоновски изнесени во неговите публицистички трудови.

Инаку, Претор е археолошки локалитет во Преспа  кој претставува населба од доцноантичко време.  Локалитетот се наоѓа источно од селото, на просторот што се протега до атарот на селото Курбиново.

Откриените остатоци од римски вили  и некрополи во Претор, чие име се совпаѓа со седиште на управител на Римска провинција, зборуваат дека се работи исклучиво за античка населба, со која Преспа треба да се гордее.

Тука е пронајден редок примерок на плочка, еден од само трите пронајдени примероци во целиот свет, посветен на култот на античката малоазиска божица МА, мајката на природата и боговите, од некогашната римска провинција Кападокија. Исто така е најдена  и една апликација од држалка на сад со претстава на човечка маска. Во два објекта има остатоци од системи за затоплување – хипокаусти изведени од кружни керамички плочки, а откриен е и под со мозаик. Сите овие наоди се чуваат во Музејската збирка во Ресен и во Музејот во Охрид.

На ова локација постојат траги и на средновековна населба за што најдобар пример е црквата „Свети Сава“ од 14 век. Од неа посебно е заштитена иконата на Свети Јован Крстител, која е презентирана на повеќе светски изложби. 

Исто така треба да се нагласи дека селото Претор е печалбарски крај, но во исто време тоа е расадник на образовани луѓе. Од овој питом крај потекнуваат: Борис Ноневски, поранешен директор на Кинотеката на Република Македонија, Мите Ноневски, историчар на уметноста, Панде Ефтимов, новинар и познавач на историското минато на Преспа.

Од Претор има и одреден број познати иселеници во дијаспората кои имаат значаен придонес за македонскиот културен, духовен и црковен живот, меѓу кои поетесата Ката Ефтимова поп Македонска, Блаже, Горче и Љубин Котевски, Коле и Гога Ристовски, Коста Јанев, Алексо и Љупчо Илиевски, Митко Ристовски  и други.

Курбиново и Претор се познати туристички места; Курбиново по значајниот културен објект – црквата „Св. Ѓорги“ од дванаесеттиот век, додека Претор со своето летувалиште, песочните плажи, зимскиот рекреативен центар, угостителските објекти и бројните викенд куќи.

Инаку, селото Курбиново се наоѓа на околу 2 км од североисточното крајбрежје на Големото Преспанско Езеро, во подножјето на планината Баба односно нејзиниот разгранок Голема Чука, на надморска височина од 950м, со околу сто и триесетина жители. Тоа е старо христијанско село, во кое секогаш живееле православни Македонци.  Курбиново, често го нарекуваат село со стари воденици.

Според пишаните документи, Курбиново е дислоцирано село. За негова претходна локација се споменуваат месностите: Стара Ливада и Долга Ливада. Тоа се граничи со Рајца и Грнчари од север, со подрачјето на општината Цапари од исток, со селото Сливница на југ и од Претор на југозапад.

Низ атарот на селото тече Курбинска Река која никогаш не пресушува, но нејзиниот водотек во летниот период значително се намалува, посебно од кога дел од изворите на реката се зафатени со водоводот на Курбиново, Асамати и Претор со туристичката населба.

dom4

Анѓелот од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново. Публикација „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ од Славе Николовски-Катин е издание на НИП „Нова Македонија“, Скопје, 1991, 1-192, а беше промовирана во „Сарајот„ во Ресен на свеченоста по повор 700 години од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, во 1991 година, на која  за публикацијата зборуваше академик Блаже Ристовски.

Во селото постојат повеќе локалитети од археолошко значење и тоа Каштино, населба и топилница од доцно античко време како и средновековната тврдина Кула. На 2 км североисточно под селото, на ридот Кулишта постојат грамади од кршен камет, покривни ќерамиди и контури на одбранбен бедем, а по површината се среќаваат фрагменти од ќерамички садови.

Селото Курбиново било на страната на Народно-ослободителната борба и бројни жители дале придонес за иднината на денешна Република Македонија. Во текот на Бтората светска војна борците Јонче Ѓеоргиевски и Крсте Гелевски ги дале своите животи за слобода на Македонија.

Курбиново е повекевековно христијанско село во кое има четириесетина куќи со бели фасади и уредени дворни места. Во селото има две цркви „Св. Богородица“ и манастирската црква „Св. Ѓорѓи“. Со право се вели дека селото Курбиново е најпознато во Преспа  и пошироко по манастирската црква „Св Ѓорѓи“, која е духовен бисер на Македонија.

Крај

B3
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *