ФЕИТ одбележа 60-годишен јубилеј

Шест децении од основањето, 60 години традиција, успеси, значајни постигнувања и достигнувања. Се заблагодарувам за целиот Ваш придонес кон севкупниот општествен развој на државата, имајќи ја в предвид квалитетната реализиција на наставата, на образовниот процес и на научно-истражувачките активности. Ве уверувам дека поддршката од државата, од Владата, од МОН ќе продолжи, истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми, на денешниот Наставно-научен совет на ФЕИТ, одржан по повод одбележувањето на 60-годишниот јубилеј.

Адеми нагласи дека доколку навистина сакаме да напредуваме како земја, да постигнуваме резултати, да бидеме конкурентни, тогаш треба да се инвестира во образованието.

– Ваквата позиција е резултат на придонесот на голем број генeрации вработени, кои го вложиле и го вложуваат својот личен, наставен и научен капацитет во развојот на Факултетот. ФЕИТ верува дека развојот на општеството не е можен, посебно не на општество кое се базира на знаење, без создавање научен подмладок. Во услови кога во последните десетина години државата речиси и не вложуваше во високото образование и науката, ФЕИТ водеше политика на обезбедување и подготовка на млад научен кадар. Исто така, во овој период, голем дел од енергијата на наставниците беше и е насочен кон меѓународната соработка, нагласи деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски.

Тој потенцираше дека ФЕИТ е една од водечките високо-образовни институции во државата и регионот.

– Јас сакам да го потенцирам квалитетот на инженери кои произлегуваат од оваа високо-образовна институција. Тоа се инженери кои влијаат на развојот на инженерската мисла, инженери кои праткично ги реализираат идеите во дела, инженери кои учествуваат во креирање на сите изуми на човештвото. Нивниот квалитет, секако, се базира на квалитетите на секој од Вас како поединец и како колектив, заклучи деканот на ФЕИТ.

Ректорот на на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Никола Јанкуловски, наведе дека, ФЕИТ е единствен факултет во државата кој создава кадри во сферата на електроенергетиката, информациските и комуникациските технологии во своите студиски програми.

Факултетот додели плакети на институции, компании, професионални и студентски организации за досегашната успешна меѓусебна соработка и придонес во развојот на електротехниката и информациските технологии.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *