Париски „Ле Монд“ објасни зошто Франција го блокира проширувањето на ЕУ кон Балканот

Проширувањето на ЕУ кон Балканот е блокирано од Париз, Берлин и Хаг, под овој наслов париски Ле Монд ја објаснува одлуката на 28-те земји членки за одложување на одлуката за преговори до октомври оваа година, јавува дописникот на МИА.

Северна Македонија и Албанија, признати кандидати за влез во Европската унија, уште ќе чекаат, дури и ако вратата што се надеваа да се отвори оваа пролет требаше само да доведе до првите преговори. Франција, Германија и Холандија, во вторникот, 18 јуни, во Луксембург не го одобрија принципот за отпочнување на пристапни преговори, што би имало големо симболично значење за нив. Ова бара едногласност од дваесет и осумте земји членки на ЕУ, пишува париски „Ле Монд“.

-Прашањето за проширувањето на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан останува прашање на поделби меѓу земјите-членки и тие можната одлука ја оставија до октомври. Истовремено усвојувајќи дваесет и две страници на заклучоци за проширувањето и предусловите за сите кандидати, пишува „Монд“.

Во 2018 година, земјите кои беа против отворањето на преговорите повикаа на загриженоста во однос на корупцијата, борбата против организираниот криминал и почитувањето на владеењето на правото во Северна Македонија и Албанија. Меѓутоа, пред две недели, Европската Комисија даде позитивно мислење за овие прашања по проценката на напредокот што го постигнаа Скопје и Тирана.

Неодамна, претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер повика „да не се игра со овој трагичен регион“, кој доживеа крвави конфликти, сепак, тој призна дека договор за старт на преговорите во Луксембург е неверојатен. Бидејќи националните парламенти мораа да одлучуваат, и бидејќи, како што рече тој, промената на позицијата на Франција и Германија е „невозможна мисија“.

Бундестагот, всушност, сé уште не го одобри отворањето на преговорите, овозможувајќи им на колебливите земји-членки да се засолнат зад тоа. Холандскиот парламент ја отфрли идејата за каква било одлука за Албанија во 2019 година. Што се однесува пак до Франција, нејзината линија е: „Нема проширување без претходно зголемување на интеграцијата на Унијата. И без испитување во однос на нејзиниот „капацитет за апсорпција” и за стратегијата во однос на балканските земји: како да ги „поврзе” во Европа без притоа да им се ветува членство? – објаснува угледниот париски весник.

Притоа „Ле Монд“ ја дава позицијата на Француската дипломатија. Нагласува дека најсилните  поддржувачи на проширувањето се Унгарија, Полска и Италија, кои се предводени од популистички партии кои се залагаат за дезинтеграција или, во секој случај, слабеење на институциите на Е, и кои, исто како и Лондон порано, се залагаат за доаѓање на нови членки како корисна алатка за нивните цели.

Според „Ле Монд“, поддржувачите на Скопје и Тирана побараа почеток на разговорите за пристапување и почитување на „кредибилитетот на политиката на проширување”. Тие, исто така, зборуваа дека тоа е „важен мотивирачки елемент за целиот регион” и за потребата ЕУ да ја зајакне отпорноста на овие земји на „негативен притисок од други актери”, алудирајќи, меѓу другите, и на Русија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *