Џафери: Има интерес за посилна економска и политичка соработка со НР Кина

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија што ја предводи претседателот Талат Џафери, а во чиј состав е потпретседателот Горан Мисовски и координаторите на политичките партии, Јован Митрески од СДСМ, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими од ДУИ, како и претседателката на пратеничката група за соработка со Секинескиот народен конгрес, Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, имаше средба со претседателот на Националниот комитет на политичката консултативна конференција Ванг Јанг, на чија покана и се остварува официјалната посета на Народна Република Кина.

Националниот комитет на политичката консултативна конференција е политичко советодавно тело составено од делегати од голем број политички партии и организации, како и независни членови и на неговите состаноци се донесуваат важни политички одлуки на национално ниво.

Претседателот на Собранието Џафери, соопшти денеска собраниската прес-служба, на својот домаќин му изразил благодарност во име на членовите на делегацијата за поканата и за реализацијата на официјалната посета. Истакнувајќи дека Република Северна Македонија континуирано го афирмира ставот за постоење на „една Кина”, тој потенцирал дека од наша страна високо се цени и поддршката од Народна Република Кина на меѓународен план.

Покрај потврда за добрите билатерални односи, посетата според Џафери, овозможи посета на Шангај и одблиску запознавање со неговиот развој во светски финансиски центар и еден од моторите на кинеската економија.

– При разговорот, како и со сите други државни претставници претходно, се фокусираа на сите аспекти на билатералните односи и можностите за унапредување на соработката во сите полиња од заеднички интерес. Иако во последните години трговската размена бележи тренд на постојан пораст, претседателот Џафери нагласи дека постои интерес во иднина кинеските инвестиции да се динамизираат и зголемат. Како области во кои кинеските компании би можеле да го најдат својот интерес беа посочени мрежата на слободни трговски зони и инфрастуктурните објекти долж коридорот 8, се подвлекува во соопштението.

Претседателот Ванг, оценувајќи дека меѓусебната соработка се развива во насока која дава добри резултати, нагласил дека оваа посета на највисоко ниво во последните неколку години придонесува за понатамошно унапредување на билатералните односи. Тој истакнал дека Народна Република Кина го цени пријателството со Република Северна Македонија и ја поддржува во исполнувањето на зацртаните стратешки определби, а во таа насока и подготвеноста за решавањето на спорот за името со цел надминување на пречките за евроатланската интеграција.

Ванг изразил надеж дека ќе продолжат активностите во рамки на процесот на соработка 17 + 1 на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа и го поздравил одржувањето на „Четвртиот форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина” од 19-ти до 21-ви ноември оваа година во Скопје.

Говорејќи за важноста и значењето на директните контакти меѓу граѓаните на двете држави, тој истакнал дека има простор и за интензивирање на туристичката размена која би придонела за меѓусебно запознавање со богатите културни традиции на двете далечни но пријателски држави. Како што стои во соопштението од Собранието, Ванг имал и краток осврт на работата на Националниот комитет на политичката консултативна конференција и истакнал дека институцијата посветува големо внимание на унапредување на билатералната соработка со Република Северна Македонија. За посетата на претседателот Џафери подвлекол дека дава силен импулс на меѓусебните односи.

Со цел одржување на редовни контакти на високо ниво, му била упатена покана за возвратна посета на Република Северна Македонија во претстојниот период.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *