МАНАСТИРСКИОТ КОМПЛЕКС „СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ“ НА ПОПОВА ШАПКА

Во рамките на програмата за одбележување на 25-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, која се реализира во текот на 1992 годинава, како и двете децении од конституирањето на Полошко-кумановската епархија, на Попова Шапка се одржа свеченост посветена на името и делото на еден од македонските светци свети Наум Охридски – Чудотворец

На пат за Попова Шапка е неизбежно да се посети црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, еден од најубавите храмови не само во полошкиот крај, туку и пошироко во Република Македонија. За оваа црква нема пишани документи од постариот период. Градена е на ново место во поновиот период, поточно во виорот на славниот Илинден и Крушевската епопеја, во 1903 година, што му дава уште поголемо значење како на едно свето христијанско светилиште.

Се смета дека колку црквата е висока, толку е и длабока за да не биде подложна на лизгање, а темелите биле полевани со олово. При градбата употребуван е камен бигор, кој од целото месно население, на самарчиња на грб е носен од Тетовското кале. За таа цел било изградено корито кое се протегало се’ до денешната црква „Свети Димитриј“ во Тетово, каде постоела даскалница, т.е. работилница. Тука мајсторите го обработувале каменот и потоа тој бил носен за градба. Секој камен бил посебно обработуван и носел свој број, за да биде поставен на определено место при градбата.

002

Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово

Црквата се градела долго време од доброволни прилози на дарежливи христијани од Тетово и околината. Градбата била завршена во 1918 година, а осветена е на 12 јуни 1925 година на ден Петровден од тогашниот патријарх Варнава.

Црквата „Св. Кирил и Методиј“ е трикорабна базилика и крстообразна, со купола. Фрескоживописот е изработен од познатиот зограф Данило Несторовски во 1924 година. Таа година починал и ктиторот на овој свет храм, прота Михаил Мартиновски кој е погребан во црковниот двор каде и денес постои неговото вечно почивалиште.

Во меѓувреме извршени се низа санации и изградба на нови помошни простории. Во ре новирањето на црквата учествувале голем број дарители и претпријатија од Тетово, како и повеќе граѓани – верници од градот и неговата околина, но, секако најголем придонес за сето ова одржување, поправки, реставрации, доградби и градби, пред се’, има надлежниот епархиски архијереј Неговото високопреосвештенство митрополитот полошко-кумановски Кирил. Влог има и поранешниот архијерејски намесник прота Благоја Ацески, кој имаше мисионерска работа во Детроит, САД, и тогашниот домаќин Синиша Исаески.

Денес грижата околу одржувањето на црквата ја води надлежниот архиереј на Тетовско-гостиварската епархија митрополитот Јосиф, а од времето на митрополитот Кирил, архијерејскиот намесник протојерејставрофор Мирко Станковски и старешината на црквата протојереј Предраг Исаески, членовите на црковното настојателство и многу други  помагатели.

Во состав на црквата во 1989 година е формирана Галерија на икони и богослужбени утвари од голема вредност за историјата и за постоењето на Македонска православна црква. Галеријата е четврта во Република Македонија по бројноста на изложените експонати. За да бидат вредните икони подобро заштитени, а истовремено и достапни до пошироката јавност, пред верниците и љубителите на уметноста, со заеднички напори на Музејот на тетовскиот крај, Македонската православна црква, Тетовското архијерејско намесништво, е овозможено сето ова. Галеријата содржи повеќе од 130 икони, поголем број печатени богослужбени книги од XVIII и XIX век и други богослужбени утвари, престолни крстови и ковчежиња со свети мошти од повеќе светители како и други предмети поврзани со светата богослужба.

003

Митрополитот Кирил со претседателот Киро Глигоров

По повод 100 годишнината од изградбата на овој храм (1903-2003 год.) епархискиот архијереј митрополитот Кирил донесе одлука овој свет црковно-историски чин да биде достојно одбележан на 8 декември 2003 година, на празникот посветен во чест на св. Климент Охридски – Чудотворец.

Во рамките на програмата за одбележување на 25-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, која се реализира во текот на 1992 годинава, како и двете децении од конституирањето на Полошко-кумановската епархија, на Попова Шапка се одржа свеченост посветена на името и делото на еден од македонските светци свети Наум Охридски – Чудотворец.

Имено, во присуство на министрите од тогашната македонска влада, Илија Андонов Ченто, Ѓорѓи Наумов и Мартин Треневски, заменикот-претседател на Републичката комисија за односи со верските заедници (авторот на овие редови, Славе Катин), тогашниот началник на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковникот Митре Арсовски и неговиот заменик генералот Боце Перевски, голем број верници, претставници на културни, научни и други институции од Републиката и општините од Епархијата, беше положен и осветен каментемелник на новиот манастирски комплекс што го носи името на свети Наум Охридски, со што беше збогатен празникот на овој наш светител.

По свечениот чин, положувањето на темелникот што го извршија надлежниот архијереј на Полошко-кумановската епархија митрополитот Кирил и министерот во македонската влада Илија Андонов Ченто, македонскиот архијереј       тогаш им се обрати на присутните и на целиот македонски народ со топла беседа, во која настанот го нарече дека има исклучително историско значење. Дотолку повеќе што тоа се случува во времето кога македонската суверена и независна држава и автокефалната Македонска православна црква во светот, доживуваа се’ поголема афирмација кај поклониците на правдата и вистината, иако со тоа тешко го прифаќаат некои таканаречени носители на европската демократија, предводени од големогрчкиот шовинизам.

Во своето обраќање митрополитот Кирил, меѓу другото, рече: „Ова манастирско светилиште кое е поставено на надморска височина од околу две илјади метра, ќе претставува господов браник на татковската Македонија, духовно лечилиште за сите оние кои ќе се собираат на молитва, кои во него ќе бараат милост Божја, ќе црпат мудрост и сили за големи животни постигања и радости. Инаку според информациите од Црквата ова светилиште се гради на највисока кота во Источната христијанска црква.

Во рамките на свеченоста беше организирана црковно-народна трпеза на која архијерејската беседа беше сконцентрирана на фактот дека ништо нема подостоинствено, почесно и повозвишено од тоа еден народ да живее во слога, разбирање и мир во својата слободна, суверена и демократска земја, во која создава трајни и достојни дела за своите поколенија. Тоа е одлика на македонскиот народ кој опстојува со векови на овие немирни балкански простори. Длабоко веруваме дека сите ќе ја согледаат вистината за Македонија во сета нејзина светлина и големина.

Сите досегашни отпори против нас придонесоа светот да се запознае со Македонија и со нашето културно богатство и трајните цивилизациски вредности. Веруваме во конечното меѓународно признавање на Македонија од страна на целиот свет, зашто она што е родено, што е создадено од Бога е предодредено да живее и да опстојува” – рече митрополитот Кирил.

На беседата на владиката Кирил одговори министерот во тогашната македонска влада Илија Андонов Ченто кој, меѓу другото, истакна дека се наоѓаме во период во кој мора да дојде до меѓународно признавање на Република Македонија, но, за жал, само на еден дел од нејзината територија.

004

Митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија Јосиф одржува божествена литургија на Попова Шапка

Тој, исто така, изрази жалење што во текот на изминатите 45 години не се градеа цркви и манастири и не ја воздигнувавме Македонската православна црква на достоинствените висини што ги заслужува. Свеченоста беше збогатена со духовниот концерт на Градскиот младински женски хор „Менада” од Тетово.

Оттогаш до денешни дни секоја година на 3 јули, на денот на патронот св. Наум Охридски, се одржуваат традиционални прослави. На Попова Шапка доаѓаат илјадници верници од сите делови на Македонија и од дијаспората. Меѓу другите донатори за манастирот Св. Наум Охридски се иселениците од тетовскиот крај кои живеат во САД.

Продолжува

c6

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *