Кој е Васил Стерјовски?

Васил Стерјовски е еден од најпознатите и политички меѓу најактивните Македонци од Мала Преспа и пошироко. Тој е генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција за положбата на македонското малцинство во Албанија; заменик-претседател на партијата на Македонците, Македонска алијанса, и беспоштеден борец за правата на Македонците во Албанија

Васил Стерјовски работи како директор на Јавното претпријатие за водовод во Корчанската област. Тој е чувар на македонските национални и културни вредности во Албанија и активист кој бара донесување Закон за малцинствата, воведување на македонскиот јазик во наставата во областите каде што живеат Македонци и во поголемите албански градови, како и за помош на матичната држава кон нив.

Во биографските податоци на овој перспективен Македонец е забележано дека тој е роден во Корча на 17 мај 1982 година, а неговите родители се од село Горна Горица, Мала Преспа, каде и тој живееше до пред десетина години. Основното образование го завршил во ОУ „Отпорот на Горичени“, во село Долна Горица, а средното образoвaние во Гимназијата „Трајан Георгиевски и Митре Колевски“ во Пустец. Во 2006 година дипломирал на групата Историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Mетодиј“ во Скопје. На истиот Универзитет, на Институтот за национална историја е на постдипломски студии.

Васил Стерјовски го започна своето образование и својот работен век токму во Пустец, во првата општина во Мала Преспа, во Албанија, во рамките на околијата (округот) Горица (Корча). Тоа е административен центар на Општина Пустец која од 1973 до 2013 година се нарекувала Лиќенас. Денес грбот на општината го содржи древниот македонски симбол Ѕвездата од Кутлеш (Палатица) над кој стои натпис на македонски јазик – Општина Пустец, а под него и на на албански јазик.

22

Селото Горна Горица – родното место на Васил Стерјовски

Тоа е, всушност, прв случај на официјална употреба на македонскиот јазик во Албанија. Општината Пустец во која живеат над 5.000 жители по националност Македонци е оддалечена 25 километри од градот Корча. Таа е составена од 9 стари и едно ново село кое сега се формира, а тоа се: селата Пустец, Леска, Зрноско, Церје, Шулин, Глобочени, Долна Горица, Туминец, Горна Горица и новото село Нова Горица.

Во Пустец постои црквата „Свети Архангел Михаил“ изградена во 1754 година, денес обновена и реновирана од голем број донатори. Исто така, во селото работат основно и средно училиште, а овозможено е образование на македонски јазик само до четврто одделение. Во рамките на училиштето во Пустец постои и библиотека со огромен фонд книги на македонски јазик.

За значајните постигнувања во Општина Пустец, секако, меѓу најзаслужните е Васил Стерјовски. Тој беше заменик-градоначалник на Општината во периодот од 2007 до 2010 година. Потоа е назначен за директор на Јавното претпријатие за водовод за регионот на Корча, каде ја врши функцијата од 2010 година до денес. Исто така, Стерјовски е советник во Советот на Општина Пустец од 2015 година и е советник во Советот на Округот на Корча од 2015 година до денес.

Според Стерјовски Македонците од Мала Преспа имаат поголема среќа од Македонците во Пиринска и Беломорска Македонија. Имено, Македонците се признати како малцинство во Република Албанија и имаат одредени права на таа територија. За жал, не насекаде се истите права. Токму тоа е и нивната борба: сите Македонци каде и да живеат во Албанија, да имаат исти права, како и граѓаните Албанци. Тие очекуваат, а и во согласност со препораките на Европската комисија, се надеваат дека пред да стане Албанија членка на Европската Унија, да направи одредени подобрувања. Тие бараат Закон за малцинства и да се изборат за сите права кои произлегуваат во согласност со тој Закон. За среќа, во Албанија, за првпат Македонците имаат поддршка и од Народниот правобранител кој направи специјален извештај за состојбата на Македонците во Албанија.

Стерјовски проценува дека во Албанија живеат повеќе од 120 илјади етнички Македонци. Најголема концентрација има во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, но Македонците ги има речиси на целата територија на државата. Всушност, тоа раселување е стратешки обмислено од властите и државата со цел да се раситни и да се разедини македонското етничко ткиво и само по себе да се интегрира и да се асимилира во албанското милје.

222

Инаку, според Стерјовски, Македонците во Албанија не очекуваат којзнае колкава промена на нивните права, зашто, речиси, сите досегашни влади имале иста стратегија и, речиси, консензус по однос на правата на Македонците. Иако сите изјавуваат дека Албанија е пример за малцински права, а тоа го викаат уште од времето на комунизмот, сепак, работите на терен не стојат така. Има, подобрување на некои права, но, главно, тоа е ограничено во рамките на нивното организирано живеење. Во овој контекст, Стерјовски нагласува дека на нив им се укинати 5 етнички македонски општини во областа на Голо Брдо и тоа: Стеблево, Требиште и Острени, и 2 општини во областа на Гора (Шиштарец и Запот).

За сите прашања и проблеми на Македонците во Албанија, Васил Стерјовски е сериозно заинтересиран. Затоа, не случајно бил избран на следните функции: претседател на Студентското друштво на Македонците од соседните земји од 2002 до 2007 година; генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција од 2013 година; член на албанската група за човекови права од 2012 година; член на Унијата на албански новинари од 2012 година и други.

Треба да се одбележи дека Стерјовски е основач, а бил и претседател на Унијата на млади сили на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, од 2007 до 2013 година; тој е еден од основачите и на македонските друштва во Албанија, „Илинден“ во Тирана во 2009 година, „Сонце“ во Корча во 2011 година и „Мост“ во Голо Брдо во 2012 година, со придонес и во основањето на македонското друштво „Прегор“ во Поградец во 2013 година.

Според Стерјовски, инфраструктурата во пределите каде што живеат Македонците е, речиси, никаква. Условите за живот се тешки. Нема никакви инвестиции, ниту развиток на индустријата и токму од тие причини, Македонците се принудени да ги напуштаат руралните краишта и да мигрираат во потрага по подобри услови за живот. Тој процес е речиси во континуитет, а државата и понатаму упорно не инвестира во пределите каде што живеат Македонци.

Тој вели дека тие немаат ниту елементарни услови за живот, нема канализација, нема доволно вода, нема амбуланта, нема многу нешта кои се неопходни за живот и тоа е причината што речиси цели села што биле населени со илјадници етнички Македонци, денес се опустошени, а нивните жители се раселени по поголемите албански градови. Тој го наведува примерот со Требиште во Голо Брдо кое пред триесетина години имало 7.000 македонски жители, и кое во комунизмот било наречено судбини. Тој вели дека за разлика од Гора и Голо Брдо, во Мала Преспа има малку подобри услови. Така, инфраструктурно, со патот кој ги поврзува со Стење и Корча во голема мерка се подобрија условите за живот.

Меѓутоа, тие се надеваат и очекуваат поголема поддршка и од Владата на Република Македонија. Притоа, Стерјовски вели дека Македонците во Албанија имаат добра поддршка од страна на Македонија. Тие имаат можност да студираат на македонските универзитети во Република Македонија, а со тоа повеќе стотини дипломирани стручни кадри кои се враќаат во Албанија се соодветно вработени.

Од друга страна, пак, според Стерјовски тие немаат никаква помош во однос на инвестиции или економска поддршка од Владата на Република Македонија и не само сегашната, туку и од сите претходни влади. Според него, ако имаше барем малку таква екомомска и инвестициска грижа, ќе немаше ниту иселување ниту асимилирање на Македонците во Албанија. Затоа, тој постојано апелира за соработка на македонските со албанските власти, да им се помогне на Македонците во Мала Преспа и во другите краишта во Албанија, со цел тие да имаат подобра и попросперитетна иднина.

Васил Стерјовски е беспоштеден борец за правата на Македонците во Албанија. Тој тоа го прави како основач и главен уредник на весникот „Македониум“, орган на македонското друштво „Сонце“ од Корча, кое е добитник на признание од страна на Унијата на албанските новинари за особен придонес во афирмација на македонската заедница во Албанија во 2013 година; како дописник за весникот „Преспа“; како член на уредувачкиот одбор на албанскиот весник „Корча“ и како администратор на телевизијата „Кристал Плус“ во Корча, која емитува македонска програма.

2222

Корча

Тој пројавува голем интерес и на културен план. Така, Стерјовски е организатор на македонските фолклорни фестивали „Преспа 2008“, „Преспа 2010“ и „Сонце 2015“ во Корча. Автор е на видеоматеријалот „Жената чувар на традицијата во Преспа“, кој е награден од страна на Министерството за култура на Албанија, во 2014 година, на манифестацијата „Покажи ја твојата култура“ во Тирана. Тој е учесник на повеќе меѓународни конференции со реферати за Македонците во Албанија, како и учесник на повеќе тркалезни маси и конференции за правата на малцинствата во Албанија, почнувајќи од 2007 година до денес. Исто така, тој е промотор на учебникот „Научи брзо и лесно македонски“, од д-р Валентина Нестор од Тирана, која се занимава со лингвистика, лексикологија и со научно истражувања на македонскиот јазик.

Според Стерјовски, партијата Македонска алијанса за европска интеграција како единствена македонска партија што ги претставува интересите на македонскиот народ во Албанија го поддржува Прогрес – извештајот за интеграција на Република Албанија во Европската Унија, но изразува длабока вознемиреност и протестира за делот на Извештајот во кој се вели дека во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора постои бугарско малцинство, предложено од бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски.

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција истакнува дека малцинството што живее на овие простори и во цела Албанија е македонско малцинство, официјално признато во Преспа, иако не и во регионот на Голо Брдо и Гора. Инаку, во Албанија живее македонско, грчко, српско, црногорско, влашко, ромско, бошњачко и египќанско малцинство. Напорите за признавање на непостоечко „бугарско малцинство“ во Албанија го сметаат како фалсификат на историјата и на вистината.

22222Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *