Локалната самоуправа и невладините од тетовско се договараа како повеќе да користат ЕУ фондови

Претставници на здруженија на граѓани, невладини организации, локални самоуправи, училишта и институции од Тетовско учествуваа на дебата на која се разговараше за начините како повеќе да соработуваат во насока да се искористат во поголема мера фондовите кои ги нуди Европската Унија. Целта е да се артикулираат локалните интереси за ИПА фондови и да се најдат механизми за интегрирана соработка, заеднички идеи, заеднички пристап за аплицирање за фондови на ЕУ.

– Има простор за повеќе искористување на ИПА фондови со оглед дека постојано имаме информации за постоење на неискористени средства. Ние во секторот за јавни дејности при општина Тетово најмногу бележиме соработка со училиштата во рамки на Еразмус плус програмата каде имаме учествувано во 28 проекти со вкупна вредност од два милиони евра, истакна Сами Беќири од Одделението за образование при секторот за јавни дејности.

Од невладиниот сектор велат дека граѓанските здруженија и општините можат многу повеќе да спроведуваат проекти со кои ќе придонесат во зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа.

– Младински образовен форум (МОФ) нема голема соработка со Општина Тетово кога се во прашање ИПА фондови. Имаме примери на индиректна соработка, пример кога имавме проект за ревитализација на паркот во Ајдучко маало, соработувавме со комуналното претпријатие. Постојат човечки и материјални ресурси од двете страни кои можат да се искористат, вели Бобан Костадиновски од МОФ Тетово.

Дебатата „Предлог механизми за интегрирана соработка и можности на граѓанските организации и локалната самоуправа во Тетово за искористување ЕУ фондови“ е дел од проектот „Локален консултативен механизам за ИПА2“ спроведуван од НВО Инфоцентар и Организација на жени од Струмица.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *