Граничниот премин Клепало ќе се отвори за две години

Средбата на градоначалниците од Македонија и Бугарија што викендов се одржа во Ќустендил отвора нови перспективи за соработка меѓу општините од двете страни на границата.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски денеска оцени дека оваа средба освен што отвора добри можности за сорабoтка на општините и поголемо искористување на фондовите од ЕУ, ќе придонесе и за затворање на отворените инфраструктурни прашања како што е граничниот премин Клепало кај Берово.

– Граничниот премин Клепало повторно беше тема на дискусија за која ние настојуваме конечно да се изнајде решение. Мора да истакнам дека од релевантни структри, односно од заменик-министерот за регионален развој на Бугарија, Деница Николова беше потенцирано дека за период од две години ќе биде отворен граничниот премин. Се стартува со изведбени работи и средства за доизградба на патот од бугарска страна на преминот, а потоа очекуваме дипломатски билатерални одлуки за да се отвори граничниот премин, рече Пекевски.

Според него, ова би значело подобра комуникација на граѓаните од двете страни на границата што ќе придонесе и за развој на економијата и на туризмот.

– Целата инфраструктура од наша страна заедно со објектите за царинските служби се изградени пред 20-тина години. Останува да се изгради патот од село Мокриево до Клепало во должина од 7,5 км, посочи Пекевски.

Тркалезната маса „Бугарско-македонски односи: приоритети, заеднички перспективи и предизвици“ во Ќустендил беше во организација на Андреј Ковачев од Европскиот парламент и Кирил Калфин од Бугарското национално собрание. Покрај градоначалниците од македонска и бугарска страна учествуваа и заменик-министерот за регионален развој Деница Николова, заменик-министерот за надворешни работи Георги Георгиев, бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Петков и македонскиот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *