Литургијата на папата Франциск на плоштадот ќе ја следат 15.000 посетители

Посетата на папата Франциск е огромна чест за нашата земја и за нејзина афирмација во светот, а е и во знак на одбележување на јубилејот 25 години од воспоставување на дипломатските односи со Ватикан.

– Оваа посета на папата Франциск е дочекана со голема радост и благодарност пред се од верниците католиоци, но и од сите наши граѓани. Папата избра да ја посети католичката црква и народот во Северна Македонија и на овој начин да ја покаже неговата лична блискост и силните симпатии на Ватикан кон нашата земја каде секоја година одржуваме заеднички свечености во чест на светите браќа Кирил и Методиј. Неговото  доаѓање во родниот град на светата Мајка Тереза која стана моралната совест на светот, во себе носи посебна симболика за помирување и солидарност. Честа што и е оддадена на нашата земја и нашите граѓани е дотолку поголема и позначајна и затоа што Ватикан и РСМ оваа година одбележуваат значаен јубилеј 25 години од воспоставување на диплоиматските односи, рече Заев.

Бискупот на католичката црква во земјава монсињор Киро Стојанов рече дека оваа посета е значајна за охрабрувањето на малата католичка заедница која сака да ја охрабри во верата, но и за понатамошниот развој на добрите билатерални односи меѓу двете држави.

Виктор Димовски, шеф на Координативното тело на Владата за организација на посетата, информира дека папата ќе пристигне во земјата на 7-ми мај со специјален лет на Меѓународниот аеродром Скопје во 8:15 часот, а во официјална посета на земјава ќе го придружува триесетчлена делегација.

По пристигнувањето на аеродромот, папата Франциск во претседателската Вила на Водно ќе има одделни средби со претседателот Ѓорге Иванов и неговото семејство, а потоа и со премиерот Зоран Заев и семејството. По овие средби, тој ќе се обрати пред претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и на граѓанското општество.

Нагласи дека сите што ќе сакаат да присуствуваат на светата литургија, која ќе се оддржи на плоштадот влезот ќе биде отворен од 6 до 9 часот наутро, а литургијата ќе започне од 11:30 часот. Граѓаните кои ќе сакаат да присуствуваат на настанот ќе треба да обезбедат билети, што се доделуваат бесплатно во католичката црква. Се очекува мисата да ја проследат околу 15.000 посетители. Обезбедени се и 2.000 места за седење.

Папата Франциск при посетата ќе го користи и специјалното возило, познато како „папамобил“, ако тоа го дозволуваат условите.

Интересот за посетата, според Димовски е голема и кај медиумите. За овој настан досега се акредитирале околу 400 новинари, од кои 200 домашни.

Поради присуството на папата нивото на безбедност во главниот град ќе биде на највисоко ниво, а автобусите на ЈСП со цел да ги пренесат сите заинтересирани граѓани на големиот настан ќе возат бесплатно.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *