Пендаровски: На 5 мај да излезе и да дадеме поддршка на концептот „едно општество за сите“

Заедничкиот кандидат за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на трибината во скопската Општина Карпош ги повика граѓаните да излезат да гласаат на 5 мај за неговиот концепт „едно општество за сите“.

-Последна шанса ќе ни биде на 5 мај да излезе и да дадеме поддршка на овој концепт, не на Стево Пендаровски, туку на целата политичка филозофија која Македонија ја носи во Европа, за на 6 мај да не се разбудиме изненадени како е возможно Груевски и фамилијата да ни се вратат назад на власт, затоа што ние сме останале дома и сме мислеле дека само во нијанси се разликуваат политичките опции, рече Пендаровски.

Овде, како што додаде, станува збор за разлика во класи и во категории,  а не во нијанси. – Овие луѓе не сакаат да одиме во Европа, не сакаат сите да бидеме еднакви во општеството и не ги интересира концептот „едно општество за сите“. Тие водат сметка само Груевски да го вратат од Будимпешта и преку своите чираци да владее во Македонија, рече Пендаровски.

Тој истакна дека гласот за Гордана Силјановска Давкова е глас за Никола Груевски да се врати на власт и Ѓорги Иванов да продолжи да владее.

Коментирајќи го прв круг од изборите, тој рече дека постојат неколку категории граѓани кои вчера останаа дома.

-Вчера освоивме бројка на гласови која е надвор од нашите очекувања. Бројката на гласови е исклучителен капитал и оние кои не гласаа знаат дека оваа опција е единствена која не носи напред. Опозицискиот концепт ја руши внатрешната кохезија на нашето општество, не ги третира сите етнички заедници како еднакви, носи назадување во економска смисла, не враќа во конфликтното време и ниту случајно не може да не приближи до евроатлантските институции, истакна Пендаровски.

На трибината тој посочи дека постојат два столба на кои државава може да се потпира и развива. -Внатре слога, кохезија меѓу сите независно од етничка и верска припадност и надворешно – целосно интегрирани во евроатлантските интеграции. Со концептот на опозициската партија сите етнички заедници и сите  граѓани не се еднакви. Кај нив членовите на фамилијата се поеднакви од другите, а во надворешната сфера и политика тие воопшто не размислуваат за Европа. Со нивниот концепт никој од Европа нема да ги покани кафе да пијат во Брисел, а не да бидеме членки на НАТО и ЕУ, нагласи Пендаровски.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска говорејќи на трибината во Карпош побара поддршка од граѓаните за мандат во кој, како што рече, тоа што во изминатите две години го направиле за државата со решавањето на отворените прашања со соседите, и носењето на земјата до членство во НАТО и и преговори со Европската Унија,  да го направат за секој граѓанин во неа.

Граѓаните рече, во првиот круг, ни ја упатија пораката дека е малку и се незадоволнои од тоа што го направивме. Тоа, според неа е во ред, и власта во идниот период ќе работи да го намали тоа незадоволство. Но сега, потенцира Шекеринска ни треба мандат за да ја реализираме обврската да го пензионираме режимот на Никола Груевски засекогаш, но и неговите следбеници.

– И ние вчера ја чувме пораката на оние кои останаа дома. Дека очекуваат повеќе, дека и тоа што е сработено не е доволно и свесни сме, дека сакаат тоа да го видат не само за големите државни прашања, туку во секое училиште, на секој шалтер. И ние сакавме да бидеме побрзи, но замислете со кого требаше да седнеме да преговараме, а не сакавме да го погледнеме. Од кого се требаше да побараме глас затоа што тој глас беше потребен за државата. Во тие моменти покажавме дека не сме себични. Апсолутно не е сеедно што ќе се случува на петти мај. Сé она што го сработивме сега мора да го дотераме до финиш, мора да го завршиме. Ќе побараме одговорност од секој кој ја разочарал вашата доверба, рече Шекеринска.

И таа, како и Пендаровски, смета дека гласот за Гордана Силјановска – Давкова е глас за враќање на владеењето на режинот на Груевски, нешто што во никој случај не смее да се случи да не се вратат лошите денови.

На трибината се обрати и претседателот на СДСМ Зоран Заев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *