Силјановска Давкова задоволна од првиот круг, ќе ги бара гласовите и на бојкотирачите и на разочараните од власта

Кандидатот за претседател за Република Македонија Гордана Силјановска Давкова е задоволна од резултатот од првиот круг од претседателските избори. Смета дека ова за неа е квантен скок во политиката, додека пак СДСМ и Заев доживеале квантен пад од последните избори односно изгубиле дури 40 проценти од гласачите споредбено со минатите локални избори. Затоа, вели, СДСМ и Зоран Заев имаат криза на легитимитетот.

Таа во гостување во централниот дневник на ТВ Сител нагласи дека апстиненцијата е поголема во албанските средини бидејќи, како што рече,  Албанците веќе не дозволуваат никој, па ниту премиерот Зоран Заев, да прави трговија со нивните гласови.

-Апстиненцијата може да се гледа од повеќе агли. Прво, факт е дека таа е далеку поголема во албанските средини отколку во македонските, а јасно ни е зошто. Зашто по појавата на еден граѓански ориентиран, едуциран кандидат каков што беше Блерим Река, Албанците односно албанските гласови не се согласуваат веќе да служат нивните гласови за етнопартиска трговија, туку се спротивставија на тоа, додаде Силјановска Давкова.

Таа посочува  дека има намера да разговара со приврзаниците на Бојкотирам да излезат на гласање и да и дадат поддршка во вториот круг од претседателските избори кој е закажан за мај.

-Јас мислам дека ќе има цензус, иако се разбира дека дел од граѓаните не сакаат ни да помислат да излезат на гласање поради името, тоа се оние од бојкотирам, а кон нив се приклучи и дијаспората. Но, јас имам намера отворено да разговарам со приврзаниците на бојкотирам, да им објаснам дека нема цел неколкукратното бојкотирање, дека проблемот со името на легален начин се решава внатре во институциите и ќе ги повикам да гласаат на изборите, вели Силјановска Давкова.

Таа ги повика и сите револтирани и разочарани граѓани од владата на СДСМ и Заев да ја поддржат бидејќи, како што рече, позади неа нема никаков политички багаж и смета дека може да биде новина во политичкиот живот.

-Ќе ги повикам и повторно и разочараните од СДСМ, оние од шарената револуција кои можеби не се за ВМРО-ДПМНЕ ама ова се претседателски избори, јас сум Гордана Силјановска Давкова и немам зад себе никаков политички багаж и мислам дека можам да бидам новина во политичкиот живот, рече таа.

Според неа, министрите ја ставиле власта во служба на партијата.

-Технологијата на владеењето на оваа власт особено јасно манифесирана за време на референдумот исто така исплаши дел од граѓаните и тие не излегоа на избори зошто јасно ни е нас како се однесуваат со државната и јавната администрација. Само да дадам еден пример непознат феномен е за време на кампања за претседателски избори да учествуваат министерка за одбрана, министер за внатрешни работи, па и премиер, така тие ја прегазија линијата помеѓу државата и партијата или партијата ја направија држава, или на крајот тоа би значело држава тоа сум јас кога е премиерот во прашање, вели Силјановска Давкова.

Таа и за време на кампањата во првиот круг од претседателските избори пред граѓаните изјавуваше дека премиерот и министрите имаат јавни функции и дека не треба да присуствуваат на собири, бидејќи според Изборниот законик тоа е недозволиво.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *