Пендаровски: Благодетите од Договорот со Грција веќе се чувствуваат во Гевгелија

Никогаш не сум имал сомнеж дека овој град знае да го избере вистинскиот пат. Вие сте гранична општина и многу добро знаете која ни е вистинската европска порта кон развиениот свет, рече претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на отворената трибина во Гевгелија.

– Првите благодети што ги направивме со Договорот со Грција ќе се почувствуваат и веќе се чувствуваат одовде, од Гевгелија, затоа што вие знаете кое пристаниште ни е најблиску, и кој пат е најкус до Европа  за разлика од жителите на другите градови кои, за жал, тоа не го знаеја оти над една деценија живеевме во темнината што ја продуцираше режимот на Груевски и фамилијата, рече Пендаровски.

Според податоците на Светска банка, потенцираше Пендаровски, во таа деценија во најголемата пљачка на народното богатство од земјата се изнесени пет милијарди евра, додека за кусиот период откако ја добивме поканата за членство во НАТО во Северна Македонија стигнаа инвестиции од 625 милиони евра.

– Затоа сметам дека на 21 април и на 5 мај во суштина имате една многу лесна обврска оти не гласате за имиња, туку на гласачкото ливче имате контраст и концепт кој ја носи земјава кон Европа, концепт кој не носи во развиениот свет и втора варијанта што ја предлага опозицијата со коалициските партнери кои во суштина сакаат да се вратиме назад во таа деценија на еден долг мрачен транзициски тунел, време во кое имаше живот само за нив, а ние не бевме броени ни дали сме живи, рече Пендаровски.

Од пред година и половина новата власт од која сум и јас дел ги отвори вратите на Европа со тоа што реши да се помири со своите комшии и резултатите ги видовме кога минатата година по долго чекање од четврт век конечно добивме покана за членство во НАТО.

– Тоа е значајно зашто ниедна држава претходно се нема развиено економски ако немала мир и безбедност. Со оваа покана ние за првпат во нашата историја имаме меѓународна гаранција за нашите граници и имаме потврда дека нашиот територијален интегритет не смее да биде чепнат од никого, додаде Пендаровски.

Ако нема мир, рече Пендаровски, нема и развој, а за два месеца отсега очекуваме во јуни да добиеме и датум за преговори со Европската Унија и на тој начин ќе ги отвориме европските фондови во делот на инфраструктурата, образованието, здравството,  субвенциите во земјоделството и Фондот за младите кои својата шанса ќе ја добиваат овде наместо да се иселуваат и да ја бараат по белиот свет.

– Во Договорот што го потпишавме со Грција се вели дека Северна Македонија ќе има право на приоритет на Солунското пристаниште, подвлече Пендаровски.

Тоа е многу битно за Гевгелија, рече, затоа што сте најблиску и многу брзо со паметна политика која би се водела кај нас вие ќе станете главната трансверзала на патот кон Европа, а со тоа ќе ви се отвори и огромно поле во сферата на економската соработка.

– Бројот не сум го менувал пет години. Бројот 3 беше 2014 година кога бевме морални победници, бројот 3 е и сега кога мораме да бидеме и реални победници. Чекам убави вести од вашиот град и на 21 април и на 5 мај, рече претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски и ги повика гевгеличани масовно да излезат на избори и да му дадат целосна поддршка на патот на заедничкиот прогрес.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *