Преспанското езеро – бисерот на Преспа

ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО – БИСЕРОТ НА ПРЕСПА

Еден од бисерите на оваа убава езерска земја на Балканот – Македонија е, секако,  Преспанското Езеро. Тоа е познато по својот жив свет, крајбрежјето, изворите, природните убавини, геолошките, геоморфолошките, хидролошките, лимнолошките и други научни вредности.

Во западниот дел на Македонија, секако една од главните карактеристики претставува водното богатство. Водата во овој регион, главно, се користи за енергетски и мелиоративни цели. Меѓутоа, основно својство на водното богатство е тоа што го зголемува економскиот потенцијал и го преобразува природниот простор на чие подрачје се чувствува влијание на средоземната и континенталната клима.Овој простор на Македонија е богат и опкружен со многубројни високи планини и планински венци, меѓу кои се вгнездени голем бројпитоми и плодни полиња, како и природни и вештачки езера.

Еден од бисерите на оваа убава езерска земја на Балканот е Преспанското Езеро, познато по својот жив свет, крајбрежјето, изворите, природните убавини, геолошките, геоморфолошките, хидролошките, лимнолошките и други научни вредности. Тоа придонесе Преспа да биде позната со своите културни, естетски, воспитно-образовни, здравствени, туристички ре- креативни и други стопански значења и вредности за македонската општествена заедница.

Според пишаните документи Големото Преспанско Езеро лежи на надморска височина од 853 метри и зафаќа површина од 276.40 километри квадратни.Неговата брегова линија е разгранета во различни форми и со максимална должина од 28, а широчина од 17 километри. За жал, тоа е поделено и на Република Македонија и припаѓа (65%) од вкупната површина, на Република Албанија (18%) и на Грција 17%. Во езерото постојат два острова, Голем Град на територијата на Република Македонија и Мал Град во Мала Преспа, на албанска територија.

Малото Преспанско Езеро, пак, зафаќа површина од 43.50 километри квадратни и со најголема длабочина од 14 м и е поделено меѓу јужниот сосед (поголемиот дел) и Албанија. И во Малото Преспанско Езеро постојат два острова: Ахил и Видринец, двата на територијата што му припаѓа на јужниот сосед.

Трите државни граници се сечат на тромеѓето на самите езерски води на неколку стотини метри од Голем Град, што претставува реткост за Долна Преспа и за Балканот.

vfr2

Островот Голем Град

Интересно е да се спомене дека најновото ниско ниво, пониско за околу 7 метри е забележано во последните триесетина години. Како феномен, езерото има постојан истек на водите преку понори под планината Галичица во Охридското Езеро, кое лежи на помала надморска височина за близу 160 м. Докажано е дека водата од изворите кај манастирот Свети Наум во Охрид и кај селото Тушемиште (албанска територија) дотекува од понорот „Завир“ во Преспа.

Најголемата длабочина на Езерото е 76 метри, измерена кај месноста „Казан“ во близина на северниот одрон на Пречна Планина, недалеку од селото Нивици со провидност на сино-зеленикавата вода од околу 10 м. Просечната температура на водата изнесува 12 оС, а максималната температура во јули-август е 27 оС.

Исто така, Преспанскиот регион е вистинска база, резерват на илјадници видови птици, риби, животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна овој крај го прават уште попривлечен. Во Преспа живеат околу 380 видови птици, од кои дваесетина вида се вистинска реткост. Посебно во Мала и Долна Преспа се забележуваат многу пеликани, корморани, орли и јастреби. Статистичките податоци покажуваат дека само во 1969 година биле забележани 100 двојки пеликани, од вкупно 400 колку што живеат во Европа. Преспа е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на еден простор.

Исто така, во Преспанското Езеро живеат и специфични видови риби: јагули, крапови, скобусти, пастрмки, плашици, мрени и други. Во густите шуми околу езерото живеат прекрасни ретки животни, како елени и срни, а мечките, волците, зајаците, лисиците и другите диви животни се постојани жители на шумите во овој регион.

Преспанското Езеро е карактеристично и единствено по тоа што во него има два острова, Голем и Мал Град. Островот Големиот Град е единствен во Република Македонија. При посетата на овој остров се забележува дека тој е огромна карпа, која, веројатно, се откинала од соседните планини од големи земјотреси. Таквите тектонски промени во минатото направиле големи измени во Преспа и пошироко.

Како природна реткост островот Голем Град кој зафаќа површина од околу 2 километра квадратни, е заштитен со закон и спаѓа во рамките на Националниот парк „Галичица”.Островот е познат како омилено излетничко место за посетителите на Преспа, како и археолошки локалитет со остатоци од живеалишта, цркви и некрополи. Заради некогашната населеност го добило името Град, а името Голем го добил заради разликата во однос на помалиот остров Мал Град.

Инаку, и островот Мал Град има иста или слична судбина и историски развој како и Голем Град. И тој, исто така, бил населуван и има археолошки остатоци, а денес постои само пештерската црква „Свети Петар“. Често се вели дека островот Голем Град е рај за птиците.

Таму, најбројни се кормораните (нуркачи) кои се хранат само со риби. На југоисточната страна на островот постои еден вид населба со бројни седела на фоините стебла. Гранките на дрвото фоја и тревата под нив се сушат од изметот на птиците, а карпите каде слетуваат се целосно бели, како посипани со вар. Исто така, во карпите до водата се кријат многубројни змии, белоушки. Тие не се отровни, но како влекачи се непријатни за посетителите.

Островот Голем Град бил привлечен уште од римската епоха преку средниот век па до денес, што се потврдува со два откриени слоја гробови кај постојната црква „Свети Петар“, од XIV век и кај темелите на црквата „Свети Димитрија“. Се раскажува дека на островот некогаш имало седум цркви и тоа: „Свети Петар“, „Свети Димитрија“, „Свети Атанас“, „Света Богородица“, „Свети Ѓорѓи“ и „Свети Илија“, што укажува на фактот дека бил густо населен и играл значајна улога во севкупниот живот на населението во Преспа.

Историските извори пока­жу­ваат дека Преспа, заедно со Охрид, претставувала крстопат на цивилизациите. Трајни све­дош­тва за тоа се бројните спо­ме­ници од ма­теријалната култура на Македонците, но и остатоците од три важни магистрални па­тиш­та Виа Игнација, Епирскиот и Ста­риот битолски пат, како нај­стар каравански пат од ви­зан­тиско време и средниот век.

vfr3

Пеликани во Преспанското Езеро

Тра­сата на тој пат почнувала од Кор­ча, одела преку преминот Гора, долината на реката Черава и селото Љубаниште, до западната страна на Галичица. Потоа се спуш­тал до Стенски Хан каде што излегувал на Епирскиот пат. Оттаму одел по неговата траса до Сир Хан, откаде што скрш­ну­вал покрај северниот брег на Езе­рото кај Долно Перово и од реонот на денешното село Под­мо­чани, се качувал на преминот Код­ра, а потоа се спуштил до се­лото Маловиште, Битолско. Од­ов­­де и денес, како некогаш, па­тот оди по реката до селото Ка­жани, а потоа по рабовите на Цапарското поле ги поврзувал си­те потпелистерски села и се спу­ш­тал во Битола.

Инаку, про­цесот на осознавањето, во смисла на национално освесту­вање во Преспа, се јавил во XIX век. Но и многу порано, со подигањето на верски објекти и нивно укра­су­вање со икони и фрески, кои го­ворат за тешката историја на ма­ке­донскиот народ.

Иницијативите за подигање на цркви и други објекти потекнувале од занает­чиите и трговците, особено во историските околности кои овоз­мо­жувале извесна верска сло­бода на македонското насе­ле­ние. Во таквите прилики доаѓале до израз и творечките постигања на македонските градители и зографи.

Во подножјето на Пе­лис­терво село Курбиново, се наоѓа црквата Свети Ѓорѓи, чиј што живопис потекнува од 1191 година. Однад­вор мала и неугледна, градена од кршен камен, внатре бисер со одлично зачувана фреско-деко­рација од 12, 16 и 17 век, поради што е ставена под заштита на др­жа­вата. Мештаните раска­жу­ва­ат, а постарите паметат де­ка не­когаш околу црквата постоеле и манастирски конаци.

vfr4

Делото „An English–Macedonian Limnological Dictionary / Англиско–македонски лимнолошки лексикон“, на Славе Николовски-Катин е издание на Хидробиолошкиот завод, Охрид, 1986, 1-206, (на англиски и македонски). Делото, пак, „Преспа“ на Кирил Јоновски е издание на „Генерал импекс“ од Скопје, 2000, 1-190.

Обновените археолошки ис­тражувања на локалитетот на Го­лем Град на Преспанското Езеро, ги потврдија претпоставките за организирано живеење на овој езерски остров од 3 до 1 век пр. н.е. Откриени се остатоци од две цркви и потврдено е постоењето на средновековна некропола. Населбата својот процут го до­жи­веала во римскиот период од 4 до 6 век. Новото зажи­ву­вање би­ло регистрирано во пе­риодот меѓу 9 и 14 век, но овојпат како манас­тирски комплекс. Целосно била сочувана црквата „Свети Петар“, а делумно „Свети Димитрија“, во која се прет­по­ста­вува дека е погребан Свети Ди­мит­рија.

Продолжува

Sk0
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “Преспанското езеро – бисерот на Преспа

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *