Правда подготвена за средба, се чекаат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ

Министерството за правда е подготвено за средба, но кога ќе се одржи зависи од ВМРО-ДПМНЕ, која треба да достави свој предлог за клучните разлики за Предлог законот за јавното обвинителство што ќе бидат во согласност со европските препораки.

-Се чека ВМРО-ДПМНЕ да достави свој предлог за клучните разлики, кој ќе биде во согласност со европските препораки. Штом ВМРО-ДПМНЕ бидат спремни со предлог, ќе има средба. Зависи од нив, велат за МИА од Министерството за правда.

Последната средба меѓу претставници на власта и опозицијата на која бил разгледан законскиот текст за јавното обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО, се одржала завчера.

-Со оглед на тоа што клучните разлики остануваат, двете страни се согласија консултациите за законот да продолжат. Уште еднаш потенцираме дека сите политички партии треба да дадат приоритет на европската перспектива на нашата држава, земајќи ги предвид препораките на Европската Унија и меѓународната заедница кои се однесуваат на владеење на правото и правната држава, а кои се клучни за отпочнување на преговори со Европската Унија, соопшти Министерство за правда.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е изработена нова верзија на законот за јавно обвинителство во која, како што посочи, во одредени сегменти се прифаќаат голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на барањето на опозицијата за исфрлање на „бомбите“ како доказ, премиерот рече дека тоа е прашање што е прифатено.

-„Бомбите“ или т.н. материјали за неовластено прислушување нема да бидат користени во доказна постапка во идното работење на Јавното обвинителство, кажа Заев. Појасни дека „бомбите“, што веќе се во судска постапка во 18-те предмети на СЈО, ќе продолжат и натаму да се користат, додека за предметите после 30 јуни 2017 година тие нема да бидат докази во постапките.

Заев рече дека очекува по овие промени процесот да успее и замоли тоа да се случи побргу поради парламентарната процедура.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *