Сугарески: Половина милијарда евра инвестиции во инфраструктурата во Kривопаланечко.

Инфраструктурата е најголем приоритет во Kривa Паланка и регионот, тоа го потврдува фактот што само во овој регион инвестираме преку половина милијарда евра во изградба на патишта и железница, истакна денеска министерoт за транспорт и врски Горан Сугарески при увидот на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.
– Патот почна да се гради минатата година, а динамиката на градба ќе биде сериозно зголемена годинава  по надминување на постојните проблеми, особено во делот на експропријација на земјиштето, рече Сугарески.
Изградбата на експресен пат – делница: Ранковце-Крива Паланка, со должина од 23 километри е  вкупна инвестиција во износ од 58,1 милиони евра. Проектот е финасиран со средства од Светска Банка.
Сугарески дополни дека се интензивира изградбата на желеницата од Куманово до Бељаковце, обезбедени се средства за втората делница, Бељаковце-Крива Паланка, се врши евалуација на понудите и се очекува до крајот  на годината да почне да се гради. Во меѓувреме се обе збедуваат дополнително средства за третата делница Крива Паланка-Деве Баир на што интензивно работи Министерството за финансии. 
Со сите активности кои се одвиваат во овој регион, од рехабилитација и реконструкција, до изградба на патишта, како што рече, очекува да бидат решени бројните проблеми на населението од овој крај.

 

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Зоран Китанов  потсети дека тендерската постапка за експресниот пат пат беше одобрена пред две години, но оти Светска банка не дозволуваше да почне изградбата поради нерешените имотно-правни односи.  – Имаше само околу петнаесет отсто експропријација, по што, со дополнителниот рок кој го побаравме, успеавме  за околу пет месеци, до април, да достигнеме околу 92 отсто експропријација, благодарение на заложбите и на ЈП Државни патишта, Министерството, локални самоуправи, катастар и други служби. Така, во пролетниот дел отпочнаа активностите, а до денес речиси е достигната 99 отсто експропријација и и зведувачите работат со максимален интензитет. Дополнително, направени се нови динамички планови и од нивна страна. Сега се работат најбавните, најкабастите работи, се основаат и подигнуваат вијадуктите, по што ќе тече побрзо работата. Се на се,  задоволни сме од динамиката, професионалноста и одговорноста на сите инволвирани, информира Китанов.

Тековно се работи на патот Куманово –Крива Паланка, годинава, според најавите од Китанов, ќе почне рехабилитација на патот Куманово-Страцин, ќе се врши рехабилитација на патот Ранковце-Крива Паланка, со должина од 21 километар и вкупна вредност од 2,6 милиони евра.

Во реонот на Крива Паланка планирана е рехабилитација на регионален пат спој на магистралата А2 , село Луке- Киселица- село Добровница. Оваа активност ќе се спроведе преку Јавно претпријатие „Македонија пат“. Патот е со должина од осум километри, а вредноста е 293 илјади  евра.  Градежните активности ќе почнат во септември 2019 година.

-Очекувам и верувам годинава да ја завршиме како што јас и министерот си земавме за обврска, оваа година да реконструираме и рехабилитираме 600 километри патишта во државата, без овие што се градат, експресни патни правци. Говорам  за рехабилитација , опфатени се голем број региони, така што верувам дека нема да има пат што не ќе биде реконструиран. Понатаму, останува одговорноста, наша и граѓанска, одржувањето на тие патишта, додаде Китанов.

Министерството за транспорт и ЈПДП  планираат и доградба на една лента на делницата Крива Паланка – Деве Баир, граничен премин со Република Бугарија, со должина од тринаесет километри, во вредност од 12 милиони евра. Проектната документација е комплетирана и во моментов се изработува тендерска документација. Планирано е градежните работи да отпочнат во вториот квартал на 2019 година, со рок за завршување од две години .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *