Ципрас со државни и воени почести пречекан пред Владата

Грчкиот премиер Алексис Ципрас пристигна во Владата каде што со  државни и воени почести беше пречекан од премиерот Зоран Заев и владинини министри.

Ципрас и делегацијата што го придружува околу 9:40 часот со владин авион пристигнаа на аеродромот Скопје. Го пречека вицепремиерката и минисерка за одбрана Радмила Шекеринска, по што се упати кон Владата.

Официјалната посета на Северна Македонија, прва на некој грчки премиер, Ципрас ќе ја почне со средба со неговиот домаќин премиерот Зоран Заев.

По тет-а-тет разговорите Заев – Ципрас и меѓувладиниот состанок, двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција.

Грчкиот премиер ќе има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Попладне ќе се одржи Бизнис форум, на кој ќе се обратат двајцата премиери.

Во делегацијата што ќе го придружува  Ципрас за време на посетата на Скопје, покрај министри во Владата, се и претставници на повеќе од сто големи и средни грчки компании кои се заинтересирани за инвестирање во земјава.

Во пресрет на денешната посета на Скопје, првпат во интервју за медиум од Северна Македонија, премиерот на Грција, за МИА говори за претстојната средба со Заев и делегациите од двете земји и идните планови за соработка, а зборува и за важноста на Договорот од Преспа.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Ципрас потенцира дека посетата е од историско значење, базирана на нова стратешка визија за двете земји, открива дека ќе дојде со десет министри и ќе се потпишат низа договори во различни области.

Вели дека Грција и Северна Македонија мора да бидат партнери и сојузници, упатува порака дека Атина треба да има стабилен и безбеден северен сосед, а Скопје има потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.

Ципрас, во однос на економскиот развој, вели дека веќе е добро позната на нашите граѓани улогата што грчките компании ја имаат во земјата, и оти на Бизнис форумот ќе се истакне дека на тој план двете земји можат да одат понатаму.

Посетата на Ципрас која од медиумите и аналитичарите во двете се оценува како историска, ќе биде пренесувана во живо од националните телевизии на Грција и на Северна Македонија, вклучувајќи го пристигнувањето на аеродром, свечениот пречек пред Владата, меѓувладината седница, заедничката  прес-конференција на премиерите и бизнис форумот.

Поради посетата на Ципрас денеска од 09:30 до 20 часот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно подрачје на Град Скопје.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *