Хатчинсон: Од 12 до 30 земји членки, НАТО се окрупнува и игра клучна улога во стабилноста на Европа

Сојузниците ќе го засилат своето присуство во регионот на Црното Море како одговор на руската агресија во Украина, и  НАТО годинава со окрупнува со Северна Македонија, 30-та членка по ред, изјави американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хатчинсон.

На видео прес-конференција организирана синоќа во пресрет на одбележувањето на 70 годишнината од креирањето на НАТО, кое во две одвоени прилики ќе се одржи со министерски совет неделава во Вашингтон и со самит на лидерите во декември во Лондон, Хатчинсон рече дека Русија продолжува да ја дестабилизира Украина, и да го милитаризира полуостровот Крим.

-Агресија со запленувањето на украински воени бродови и задржувањето на морнари е целосно неприфатлива и повикуваме тие веднаш да бидат ослобедени, изјави Хатчинсон.

Додаде дека сојузниците ќе го засилат присуството во регионот на Црното Море, со повеќе надгледување на теренот и со поголемо воено присуство со бродови на земјите од НАТО.

Во однос на одлуката одбележувањето на 70-годишнината да се одржи во две одвоени прилики, во Вашингтон и во Лондон, Хатчинсон укажа дека американската престолнина ќе биде домаќин само на советот на минстерите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, додека во Лондон ќе се одржи самит на лидерите.

-Договорот за создавање на Алијанста беше потпишан на 4 април, но поради тоа што пред помалку од една година имавме самит на лидерите, беше пологично во Вашингтон да се одбележи со министерски совет, додека Лондон се понуди да биде домаќин на самитот, кој најверојатно ќе се одржи годинава во декември, откри амбасадорката.

Таа укажа дека веднаш по потпишување на договорот во 1949 година, Лондон било првото седиште на НАТО и британската престолнина побарала таму да се одеблежи 70-годишнината.

Хатчинсон уште еднаш потврди дека протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата се очекува да биде усвоен од американскиот Конгрес оваа есен.

-Во Европа, континент кој беше распарчен од војни, владее мир веќе 70 години и тоа е голем успех… Од 12 членки на 29, а до крајот на годинава и со 30-та, НАТО продолжува да игра клучна улога во мирот и стабилноста на Европа, изјави амбасадорката Кеј Бејли Хатчинсон.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *