Зелениче, Леринско – родното место на Стив Пљакас (I дел) 

Селото Зелениче  е лоцирано на педесеттина километри јужно од градот Лерин, на 5 километри југозападно од Ајтос (каде и припаѓа) и на три километри западно од езерото Зазерци во котлина во подножјето на Керечката планина, дел од планината Вич, на главниот пат од Сорович (Аминдео) за Костур. Селото лежи на една котлина обиколена од сите страни со високи сртови. Се смета дека селото Зелениче го добило името поради изобилството на зеленило во околината. Во него живеат Македонци и православни Турци (Просвиги)

По непријатните моменти во Лерин се одлучивме да го продолжиме нашето патување во Егејот и да го посетиме родниот крај на Стив Пљакас. Така и сторивме. Откако го напуштивме Лерин, се упативме по новиот пат кој води кон Солун, градот што го доби името по сестрата на Александар Македонски, а го создал нејзиниот сопруг Касандар.

Одејќи по патот разговаравме за една наша посета на Солун, кој е убав приморски град, кој како трговски центар ги мами, па дури и ги заведува посетителите со својата убавина, медитеранската клима, околните песокливи плажи и бројни културно-историски споменици. Тој е сместен на полуостровот Халкидики и е познат по бројните зелени површини, по Беас Куле, по солунските атентатори, по многуте други културни споменици, како и по манастирите на Света Гора, каде што дел од својот живот поминале и извесен број монаси од Република Македонија.

И не само Солун, со својата местоположба, трговија, крајбрежје  и како  престолнина на Беломорска Македонија, туку и целата таа македонска земја е прекрасна. Така, започнувајќи од мистичната Пела – древната македонска престолнина – па преку божествените водопади на Воден, пејзажите на Костур, убавините на карпестите цркви и фрески по бреговите на Мала Преспа. Таа питомина и широчина е збогатена и со зелените предели на планините разделени со границата, а меѓу нив, како бисер, патникот оддалеку ужива во сјајот на бројните македонски планини.

Затоа, античките Македонци токму во Пела, која е оддалечена стотина километри од Зелениче, родното место на Стив Пљакас, ја подигнале својата престолнина. Еден дел од Пела денес е достапен на посетителите, но огромен дел, како што велат и постарите жители на Постол (Пела), сè уште лежи под земјата. Токму поради славата на древната престолнина на Филип и Александар Македонски, кои го посеаја македонското семе, во туристичките проспекти целиот тој регион Грците го нарекуваат Пела со главен град Воден (Едеса).

rfv2

Водопадите во Воден

Секојдневно низ Пела минуваат голем број туристи, кои потоа со години ги носат спомените и мирисот на мермерот по кој чекорел големиот Филип Македонски и неговиот син Александар Македонски како водач на  античките Македонци.

Брзо го напуштивме Лерин и тргнавме по патот кој води  кон Воден, Пела кон Солун. Поминавме поголем број села и стасавме до Баница, но од западната страна. По новиот пат влеговме во ова големо македонско село, кое е ни село ни град. Дојдовме до центарот на Баница каде се изградени нови објекти, меѓу кои и еден хотел и се потсетивме и ги вративме убавите спомени на нашата посета од пред дваесеттина години.

И овој пат ја вративме сликата за нашите пријатели во Торонто кои потекнуваат од Баница, а кои се гордеат со тоа што баничани биле први Македонци кои отвориле банка во Канада. Баница е село со многу убавини, но баничани ги красат и престиж и напредок, но и  контроверзи.

Ја напуштивме Баница по патот што води од кај каменоломот и го продолживме патувањето по новиот пат со три ленти што се искачува на ридот и води кон Костур. По поминати десетина километри од Баница се приклучивме  на стариот пат кој води право кон Ајтос.

Брзо стасавме во тоа големо и убаво македонско село, каде што, исто така, пред дваесетина години го посетивме ресторанот на нашите пријатели и соседи на нашите родители во Торонто. Тие како повратници од Канада отвориле кафеана во Ајтос, но од некакви причини, по неколку години ја затвориле кафеаната и пак се вратиле во Канада.

rfv3

„Агонари Инн“ во Зелениче

Се движевме по главната улица на Ајтос, каде застанавме и ѝ се обративме за помош на една млада дама –  кој пат води кон Зелениче. Таа зборуваше англиски, но кога виде од каде сме, започна да ни зборуваше на македонски јазик, на дијалектот од Леринско. Беше љубезна во разговорот и нè информира дека селото Зелениче е второ село кога се оди од Ајтос по патот за Костур. Срдечно ѝ‘ се заблагодаривме и го продолживме патувањето кон нашата цел.

Се упативме кон Зелениче по патот што оди низ малечка а живописна клисура чии ридови на поголемиот дел не се пошумени. На патот, за жал, не сретнавме ниту возило, ниту патник, веројатно од причини што во тие попладневни жештини на денот луѓето во Грција, слично како и во Шпанија се одмораат и, освен да отседнат во кафеаните немаат друга работа, бидејќи се членови на Европската Унија и ја молзат како швајцарска крава.

Брзо се искачивме до рамницата каде е сместено селото Зелениче. Најпрвин се соочивме со таблата на која на грчки и латиница го пишува променетото име на Зелениче – Склитрон. По долго и на моменти непријатно патување, кое беше исполнето со голема желба да се посети и види родниот крај на нашиот пријател Стив Пљакас, стасавме во славното Зелениче.

Инаку, селото Зелениче  е лоцирано на педесеттина километри јужно од градот Лерин, на 5 километри југозападно од Ајтос (каде и припаѓа) и на три километри западно од езерото Зазерци во котлина во подножјето на Керечката планина, дел од планината Вич, на главниот пат од Сорович (Аминдео) за Костур. Селото лежи на една котлина обиколена од сите страни со високи сртови. Се смета дека селото Зелениче го добило името поради изобилството на зеленило во околината. Во него живеат Македонци и православни Турци (Просвиги).

Зелениче е едно од најстарите села во регионот и постои од пред 1.300 година. Селото за првпат се споменува во отомански Дефтер од 1481 година под името Желенич. Во XIX век Зелениче е големо мешано село со македонско и турско население.

Според некои бугарски документи, во 1900 година Зелениче имало околу 1.800 жители православно македонско население, околу 500 Турци и околу 70 Роми, или вкупно околу 2.400 жители. Во тој период, македонските христијани на Зелениче биле под јурисдикција на Бугарската егзархија.

Од друга страна, пак, според грчки податоци во почетокот на минатиот век во селото имало 150 семејства муслимани 150 егзархисти и 65 патријаршисти. Меѓутоа, една е вистината. Во Зелениче отсекогаш живееле Македонци, затоа, во Зелениче има две цркви – „Свети Димитар“ (1864) и „Свети Ѓеорѓи“ (1867)., кои без разлика под каква и чија јурисдикција се, тие ќе останат да го чуваат македонското население во ова големо, убаво и значајно македонско село.

Исто така, според пишаните документи, во 1912 година Зелениче имало 2.232 жители, а во 1920 година 2.219 жители. По иселувањето на 170 семејства, или 1.100 жители од турското население во 1924 година, во селото се населиле бегалски семејства од Мала Азија, но ги има и од Кавкас и од Истанбул (Маџири), чиј број изнесувал околу 350 бегалци.

rfv4

Зелениче

Во 1927 година, како и сите топоними во Егејска Македонија, и селото било прекрстено во Склитрон. Покрај населувањето со бегалски жители во триесетите години од минатиот век, сепак, во селото се покажува намалување на бројот на жителите, кое  се должи на големиот број иселувања на Македонците во прекуокеанските земји и во Бугарија.

Продолжува

d5 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *