Штрајк пред „Еурокомпозит“

Работниците прогласени за тешнолошки вишок од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ денеска се собраа на штрајк пред компанијата, барајќи конкретни одговори кога ќе им се исплатат отпремнините. Последно добиле ветување дека ќе се реши околу 22 март, но досега нема ништо.

Пеце Велјановски наведе дека ветувањата дадени при средбите на Иницијативниот одбор со државниот капитал во Скопје на осми март, дека за две недели ќе си ги добијат парите, не се остварени.

– Ни беше речено дека најдоцна за две недели по средбата на осми овој месец ќе се исплатат парите, ќе имало договор за изработка на шлемови во фабриката, но нема никаква најава. Досега нема ништо ниту од најавата дека до крајот на февруари ќе има владина интервенција доколку не се реализира со стратегиски инвеститор. По кој знае кој пат се чувствуваме излажани, вели Велјаноски.

Жарко Талески од Иницијативниот одбор вели дека вчера му поставил прашање на вицепремиерот Кочо Анѓушев при неговото гостување на национална телевизија и тој најавил дека за еден и пол месец ќе има конкретни резултати.

– Одговори дека има двајца заинтересирани инвеститори, иако очекувавме повеќе. За еден месец до месец и половина ќе се реши и приоритет ќе биле исплатите на отпремнините и на три плати на оние кои останаа на работа. Заостанатите плати да се исплаќаат процентуално. Така ми беше одговорено, но многу пати досега има ветувања од Владата, па од сето тоа нема ништо. В понеделник сакаме да одиме на протест пред Владата и да останеме додека не се реши проблемот, вели Талески.

За тешнолошки вишок се прогласени 154 работници, а 60-ина останаа на работа во фабриката, од кои, според работниците, најголемиот дел се администрација. Досега од по околу 100.000 денари колку што секој работник во просек треба да добие отпремнини, 130 работници добиле по 30.000 денари, а 24 кои заминаа последни како технолошки вишок, имаат добиено само по 5.000 денари. Работниците од „Еурокомпозит’ имаат неземени заостанати плати и придонеси за околу шест години.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *