По неуспешниот обид на работните групи на власта и опозицијата да се усогласат за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, Министерството за правда започна консултации и со помалите политичките партии и пратеничките групи од опозицијата.
Од Министерството за правда велат дека поддршката за Законот за јавното обвинителство е клучна за отворање на преговори за членство во Европската Унија.
Оттаму потсетуваат дека само закон кој ќе овозможи ефикасна борба против криминалот и корупцијата и кој нема да содржи скриена амнестија, ќе може да ги отвори вратите на Европската Унија.
Во Министерството ги очекуваат амандманите од страна на ВМРО-ДПМНЕ за Предлог законот за јавното обвинителство, со цел заедничко носење на законот, кој ќе овозможи практично имплементирање на сите меѓународни принципи за работа на јавното обвинителство.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев не верува дека се пропаднати разговорите за Законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО со најголемата парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека низ разговори може да се дојде до решение зад кое би застанале сите и дека до крајот на месецов може да се затвори ова прашање.
Заев вчера во Куманово изјави дека ова е еден од најважните закони во правосудството и доколу се направат напори можно е законот да биде донесен до крајот на овој месец пред претседателската кампања.
Прашан кои од условите на опозициската работна група се прифатливи, Заев рече дека за него е прифатливо сé што е уставно возможно, тоа што е прифатливо за граѓаните, што е во духот на Венецијанската комисија, во духот на реформите и на стратегијата во правосудството.
Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи за законот за Специјалното јавно обвинителство треба да се разговара паралелно и со опозицијата и со пратениците и, како што вели, да се обидат да постигнат консензус.
– Паралелно треба да работиме на двата правца – и да се обидеме максимално да постигнеме консензус, бидејќи сепак се работи за област што бара консензус во едно општество, изјави Османи вчера по состанокот во Владата со претставниците на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците и со директорот на Агенцијата за спроведување на законот.
Тој испрати порака до сите политички партии да не се откажат од барањето консензус до последен момент, но паралелно, како што посочи, треба да видиме и други начини за комуникација директно со тие што ја носат одлуката, а тоа се пратениците.
БЕСА најави дека ќе го поддржи новиот закон за јавно обвинителство доколку СЈО остане да функционира како независна институција, а не како составен дел од Јавното обвинителство.
Пратеникот од БЕСА, Фалид Зендели рече дека партијата е подготвена да даде поддршка за СЈО да продолжи да работи со полн капацитет, да им се продолжи рокот за иницирање на постапки, а „бомбите“ и натаму да бидат користени како докази во постапките.
Доколку СЈО стане дел од Јавното обвинителство, според БЕСА, ќе се претопи во Јавното обвинителство кое, како што посочуваат оттаму, и досега беше нефункционално. Зендели додаде дека тие како партија ќе бараат гаранција од Владата дека се залагаат за неселективна правда.