ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВАТА „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО – СТОЖЕРОТ НА АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА

m

МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (16)

dedo kiril

МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ – ПРВИОТ АРХИЕРЕЈ ВО

ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВАТА „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО – СТОЖЕРОТ НА АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА

При подготвувањето на моногравското дело за митрополитот г. Кирил, за црковното живеење на Македонците во Канада и САД, авторот на овие редови, Славе Катин, се потруди да ги презентира неговите визитации, осветувањa на македонски православни цркви и други активности поврзани со неговите посети на Канада и САД како надлежен ахиереј на Американско-канадската епархија

Инаку, монографијата „Митрополитот Кирил“ е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Полошко-кумановската епархија и Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, во која се дадени бројни податоци за црковно-духовниот живот на Македонците на северноамериканскиот континет.

Така, во монографијата е запишано дека Торонто е една од првите населби во Канада. Тој е основан во 1793 година под името Јорк, а во 1834 година го доби сегашното име. Денес е најголемиот индустриски, културен, политички, административен и спортски центар, како и бисер на Онтарио и метропола со големи перспективи. Во него македонски доселеници се една од позначајните етнички групи во Торонто и играат важна улога во целокупното живеење. Нив ги има од сите краишта од Македонија, кои се тесно врзани особено со црквата Свети Климент Охридски и со организацијата „Обединети Македонци”.

Иницијативата за формирањето на црквата „Свети Клиент Охридски“ се роди на четвртиот илинденски пикник што „Обедине-ти Македонци” го одржа во 1962 година. Потоа, на големиот собир, што на 7 август 1962 година се одржа во хотелот „Кинг Едвард”, се донесе одлука за изградбата на црквата „Свети Кпимент Охридски“. На свеченоста, покрај неколкуте стотини македонски иселеници присуствуваа и тогашниот злетовско-струмички епископ, митрополитот г. Наум и свештеникот Кирил Стојановски, парохиски свештеник. Тие беа првите македонски црковно-национални мисионери во најголемата македонска колонија, кои на 12 август 1962 година за првпат извршија богослужба на македонски јазик и прво крштевање. Тоа беше настан што остана во сеќавање и е запишан со големи букви во историјата на оваа македонска црковна општина.

mmm

Црквата “Свети Климент Охридски”

Значаен датум за МПЦ „Свети Климент Охридски“, исто така, е 12 декември 1962 година, кога општината беше регистрирана пред канадските власти и чиј документ беше испраќан до бројни иселеници. Тоа беше направено со цел да се подигне моралот и вербата кај Македонците, кои не по своја вина дотогаш своите црковни потреби ги задоволувале во немакедонски верски објекти, од кои поголемиот број беа изградени со средства и дарувања на Македонците.

Кај сите иселеници имаше голема возбуда, бидејќи за прв пат во Торонто беше присутен македонски владика, епископот Злетовско-струмички г. Наум. Тој, заедно со свештеникот Кирил Стојановски, на мајчин македонски јазик им се обрати на присутните и одржа служба. Тоа беше незаборавно доживување и остави позитивни траги во црковното живеење кај Македонците. Затоа со право се вели дека таа средба на организирано илинденско чествување значеше верба, желба, единство и љубов кон родната земја на македонските доселеници во Торонто и околината. Подоцна, со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква се запали искрата за вековното црковно и национално живеење на Македонците на тие демократски канадски простори..

Се чини еден од најзначајните датуми во историјата на ова црква е 5 април 1964 година, кога во присуство на неколку стотини македонски доселеници од сите делови на Македонија, претставници на канадската власт, претставници на средствата за јавно информирање, пријатели на Македонците, беше поставен камен-темелникот на црквата.

Една година подоцна, архиепископот охридски и скопски и прв митрополит македонски – г.г. Доситеј, во сослужение на злетовско-струмичкиот епископ г. Наум, архиѓаконот Кирил Поповски (митрополитот Кирил), и свештениците Нестор Поповски и Атанас Попов изврши осветувањето на храмот.

mmmm

Фолклорната група „Македонка“

Според зборовите на митрополитот г. Киил, голем придонес во организирањето на животот во црковната општина, покрај големиот број истакнати иселеници, се и претседателите: Спиро Сандерс. Коста Ендрос, Џим Џуглов, Џорџ Лукрас, Филип Ангелковски, Симе Гаџовски, Тели Мариовче, Крис Димов, д-р Александар Георгиевски, Васил Пандовски, Џан Гивенс, Никола Каранфиловски, Томе Танасковски, Алек Петличков, д-р Драги Денковски, Никола Стојановски, Александар Поповски, Вера Белчевска и други, како и свештениците Кирил Стојановски, Атанас Попов, Ахил Теохарев, Бранко Пачемски, Драги Костадиновски, Илија Димитровски, Илче Миовски, Илија Донев, Јован и Трајко Босеовски и многу други истакнати активисти од оваа општина.

Во годините што изминаа, од формирањето на МПЦ „Св. Климент Охридски” до денес, таа стана втор дом за многу македонски доселеници. Во Црквата членуваат, помагаат и даруваат бројни ентузијасти, од кои голем дел не сакаат да им се спомене дури ни името, а работат и придонесуваат со силна љубов и жар. Тоа го прават заради вербата во она што го даваат, а тоа е за доброто на сите, кои со гордо кренати глави и полни срца, со силен восхит зборуваат и раскажуваат за патот по кој тргна Македонецот за да стаса денес до вакви национални зданија и до толку импозантни постигнувања.

Денес македонските доселеници во Канада со гордост ја истакнуваат својата национална и културна македонска припадност. Уште повеќе благодарение на мултикултурната политика, тие со голем ентузијазам и полет ги негуваат своите народни традиции; го презентираат својот богат фолклор и другите вредности од Македонија.

Денес, црквата Св. Климент Охридски поседува убав храм, во кој има резбан иконостас, а целиот храм е исполнет со живописни фрески и икони, дело на познатиот и признат академски сликар Ѓорѓи Даневски. Има три сали за над 2.000 посетители, потоа кујна, помошни простории и паркинг. Зградата на црквата е реновирана и претставува убав прилог на канадската култура.

Во состав на црковната општината работат Играорната група “Македонка”, Литературното друштво “Браќа Миладиновци”, Женската секција, Драмската секција, Библиотеката, Неделното училиште, Шаховската и спортската секција, Црковниот хор и други групи. Во просториите на црквата се задоми и работи Пензионерскиот клуб “Гоце Делчев”, кој секој четврток организира ручек за пензионерите и другите Македонци на тие простори.

Во состав на Македонската православна црквата „Св. Климент Охридски со успех работи Црковниот хор. Тој беше формиран во осумдесеттите години во помал состав и со скромни обиди. Денес тој претставува значаен фактор во црковното живеење и, под раководство на професорот по музика Филип Ангелковски беше еден од најдобрите македонски црковни хорови.

Главно настапува за време на одржувањето на светите богослужби секоја недела и на големите христијански празници, а настапува и надвор од црквата на други манифестации. Во хорот членуваат дваесеттина љубители на македонското црковно пеење од различна возраст по потекло од етничка Македонија..

Исто така, во состав на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ со успех работи Македонското неделно училиште, кое е место каде се продолжуваат традициите и се негува мајчиниот македонски јазик. Тоа постои од самото формирање на црквата до денес. Во него се школувале голем број ученици и предавале бројни наставници, меѓу кои најдолго биле Никола Стојановски и Блага Дафовска, кои заедно со бројни наставници и ентузијасти придонеле во процесот на образованието, културата и религијата.

mmmmm

Црковниот хор

Друштвото на пензионерите „Гоце Делчев“, пак, како гранка на црковната општина „Св. Климент Охридски“ беше основано во 1990 година. Тоа е официјално регистрирано и е во состав на организацијата “Обединетите пензионери на Онтарио”. Во него можат да членуваат лица со надминати 55 години. Друштвото во просториите на црквата „Св. Климент Охридски“ има свој клуб, кој работи од понеделник до петок. Тоа е од отворен тип и во него можат да членуваат и припадници на други етнички групи. Секој четврток пензионерите организираат заеднички ручек.

Затоа со право се вели дека црквата „Свети Климент Охридски” е стожерот на најголемиот број активности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко и претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија. Овој црковно-национален дом е најголем центар на раселените од сите делови на Македонија. Тоа е место на другарување на Македонците од седум до седумдесет и седум годишна возраст. Со други зборови, таа е македонски центар за поколенијата.

Денес во црковниот храм „Св. Климент Охридски“ доаѓаат Македонци од сите делови на Торонто за да се помолат пред олтарот на Господ за здравје и живот, за успех и среќа. Богослужбите се следат секогаш од многу народ, а венчавките и крштевките ги облагодаруваат душите на Македонците, а црковните секции се собиралишта за сите доселеници. Тие се најдобриот показател дека македонската етничка заедница има напредок и дека се шири, се развива и мултиплицира. Ако македонскиот народ во татковината е распарчен на повеќе страни, ако судбината сакала тој да се расели на многу меридијани, тука, во Торонто, на едно место е заедно, како да е во Македонија.

Продолжува

Slave Nikolovski - KatinПишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *