Хелсиншки комитет: Суштински, а не декларативни промени за правата на жените

Седумдесет и два отсто од жртвите на семејно насилство минатата година биле жени. Само 15 отсто од министрите се жени, а процентот е уште помал кај градоначалниците на општините, бидејќи само 7,4 отсто од нив се жени, покажуваат податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

-Хелсиншкиот комитет го користи Меѓународниот ден на жената повторно да потстети на овие поразителни статистики. Заложбите на државата  остануваат декларативни, а не суштински. Жртвите на родово базирано и семејно насилство, се уште не ја добиваат соодветната институционална заштита и сервиси. Продолжува трендот на испишувањето на ученички од основните и средни училишта, честопати ради склучување малолетнички бракови. Жените од руралните средини се уште се соочуваат со родова дискриминација, поради нееднаквата распределба на ресурсите, традиционалните стереотипи  како и родово – дискриминаторски земјоделски политики.  И покрај ратификувањето на Истанбулската конвенција, хармонизацијата на националното законодавство со истата се одвива многу бавно, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Во 2018 година, 919 лица се евидентирани како жртви на семејно насилство. Од нив 665 се жени, односно 72 отсто. Секоја втора жена во државата е жртва на психичко насилство,  секоја четврта е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство. Вкупен број на фемициди во перидот 2008 – 2016 изнесува 70, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Тие велат дека 5.379 текстилни работнички пријавиле прекршување на работнички права, само во изминатата година, а имаат и информација во 51 отсто од општините нема пристап до основни гинеколошки сервиси.

Исто така, сметаат од Келсиншкиот комитет, поразителни се бројките и за раководните позиции на државата, бидејќи, како што велат, само 15 отсто од министрите и само 7.4 отсто од градоначалниците се жени.

Потсетуваат дека се уште не е донесен посебен Закон за заштита од родово базирано насилство, дека не се усвоени новите предлог – закони за заштита и спречување од дискриминација и за прекинување на бременоста, Законот за социјална заштита и дополнувањето на Кривичниот законик со воведување фемицид како посебно кривично дело.

– Од овие причини, бараме државата итно и без одложување да спроведе промена и хармонизација на законската рамка, да ги воведе сите потребни сервиси, да обезбеди пристап до правда и заштита на сите жени чии што права се прекршуваат и да примени родово одговорно буџетирање при креирањето на политиките,  се додава во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *