Во Клубот на пратениците попладнево почна средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со претседателот на Движењето БЕСА Билал Касами во рамки на консултациите со коалициските партнери околу можноста за изнаоѓање заеднички кандидат за претстојните претседателски избори.
Заев на средбата е придружуван од генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски и од Миле Зечевиќ, а Касами е во придружба на партискиот секретар Аријанит Хоџа и пратеникот Фадил Зендели.
Се очекува по средбата Заев и Касами да дадат изјави за медиумите.
Завчера премиерот Заев во рамки на консултациите за заеднички кандидат на претседателските избори одржа средба со лидерите на „Алтернатива“ Африм Гаши и на ДПА Мендух Тачи, а ден порано и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Заев вчера требаше да се сретне и со лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, но Села ја откажа средбата во знак на револт од одземањето на ингеренциите во образованието на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.