Брегалничкиот регион преку форуми ќе одлучува за регионален проект

Општините од Источниот планскиот регион преку регионални форуми ќе одлучуваат во кои проекти од регионален карактер ќе ги инвестираат 95.000 швајцарски франци, кои ќе ги добијат од швајцарската Агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоупрва.

Во Штип денеска во присуство на Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу стартуваа форумските сесии, во коишто учествуваат претставници од 11 општини од Брегалничкиот регион.

Министерот Фазлиу истакна дека преку овие форуми  општините, но и граѓанските организации и граѓаните ќе дадат предлози за побрз развој на регионите, бидејќи токму тие знаат што им е најпотребно.

– Проектот што ќе биде финансиран за Источниот плански регион ќе биде во вредност од 95.000 швајцарски франци, а ме радува и тоа што има голема заинтерсираност и вклученост на самите граѓани. Тоа значи дека граѓаните чекаат прилика во секој даден момент да бидат прашувани, кои се најпотребни приоритети. Така да мислам дека ќе ја продолжиме оваа пракса не само за стредства од донаторите, туку и за средствата од буџетот, со цел идеите да произлезат од самите граѓани, вели Фазлиу.

Директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева вели дека проектот ќе се одвива до 2020 година, а општините од истокот ќе организираат вкупно четири регионални форумски сесии, на коишто заеднички ќе се избере регионален проект, кој е значаен за сите граѓани.

– Предлозите можат да бидат од областа на туризам, животна средина, социјална инклузија или бизнис инфраструктура. Вкупниот буџет изнесува 46 милиони денари, односно околу 850.000 швајцарски франци, коишто ќе се поделат на осум плански региони, според степен на развиеност на регионите. Нашиот регион е трет на листата на развиеност, така да од оваа активност ќе добиеме 95.000 швајцарски франци, рече Здравева.

Посочи дека на денешната форумска сесија од страна на општините, невладиниот и бизнис секторот, како и претставници од образовните институции ќе се предложат повеќе проекти од регионален карактер, коишто понатаму ќе се разгледуваат и на крајот ќе се одлучи, кој проект е приоритетен, но и има регионално значење за сите 11 општини од источниот регион.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прва регионална формуска сесија истакна дека го радува тоа што граѓаните, невладиниот и бизнис секторот се заинтересирани да учествуваат на ваквите форуми, на коишто и тие ќе одлучуваат, каде ќе се трошат парите од донаторот, но и ќе се придонесе за поголем развој на Брегалничкиот регион.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *