Мицотакис: Ако не се задоволат грчките позиции, нема отворање ни затворање на поглавјата за членство во ЕУ

Ќе го искористам секое правно и дипломатско средство за да ги ублажам негативните последици од Преспа, ќе го искористам правото на вето во отворањата на поглавјата за интеграција на Скопје во ЕУ, а доколку не се задоволат грчките позиции, поглавјата ниту ќе се отворат, ниту ќе се затворат, рече лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис говорејќи на партиски настан во грчкиот град Ламиа, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека за него, прашањето не е затворено, иако веќе постојат работи што се „негативни и завршени, но националните обиди не запираат“.

-Ќе го искористам секое правно и дипломатско средство за ублажување на негативните последици од Преспа. И не го испуштам правото на вето за секое поглавје што ќе се однесува на интеграција на Скопје во Европската унија. За земјата да влезе во Европската унија постојат 35 поглавја, за кои е потребно одобрение, на почеток за да се отворат и на крај за да се затворат. Овие 35 поглавја мора да се завршат за да оди напред европската интеграција на Скопје. Тие ниту ќе се отворат, ниту ќе се затворат, ако претходно не се задоволат позициите на Грција, порача Мицотакис и истакна дека Нова демократија го направила она што било нејзина должност.

Лидерот на Нова демократија уште еднаш повтори дека „штетниот Договор од Преспа“ признава македонски јазик и македонски идентитет за соседите, но и „му дава можност на Скопје да монополизира“ , бидејќи во договорот, „грчката Македонија е наречена северниот регион на првата страна“.

 -Наспроти тоа, за македонскиот народ се одредува држава и култура. Така, за жал се отвораат раните на иредентизмот, но и многу проблеми што имаме пред нас: трговските ознаки за производите од Северна Грција, стотици бизниси, што денес го користат терминот Македонија во нивните производи, се незаштитени. Што ќе се случи со нашите учебници? Очигледно е дека договорот во пракса отстапува идентитет и јазик на народ, само тој да се нарекува македонски и одредува држава, само таа, да биде населена од Македонци. Дури и формалниот термин „Северна Македонија“ ќе се отстрани, бидејќи никаде не се спомнува барем „северномакедонски“ народ или барем „северномакедонски“ јазик и култура, објасни Мицотакис говорејќи пред членовите на Нова демократија во грчкиот град Ламиа, пренесе МИА.

Мицоткаис повторно го обвини Ципрас дека дал согласност онаму каде што не се согласиле претходните грчки премиери и дека ваков договор можело да постои уште во Букурешт во 2008, но тогаш Караманлис и Бакојани рекле „не“.

-Не знам каква замена направи и го отстапи најсилното дипломатско оружје на земјата, односно одобрување на влез на Скопје во НАТО. Не ги слушна гласовите од сите краеви на земјата на големите протести. Ниту обрна внимание на 70 отсто од Грците кои не се согласуваат со овој договор. Наспроти тоа, Ципрас инсистира да ги навредува Грците, ве навредува сите вас, сите вас кои не се согласувате со договорот, ве нарекува екстремни десничари и националисти, рече Мицотакис.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *