Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, имаа средба со француските пратеници, во Националното собрание на Франција, Лилијана Танги и Жак Мер, во придружба на амбасадорот на Франција во Македонија КристијанТимоние.
На средбата Груби, заблагодарувајќи се за француската поддршка за нашите евроинтегративни процеси, информира за успешно завршените задачи на почетокот на годинава, со посебен акцент на усвоените уставни амандмани, со кои се имплементираше Преспанскиот договор. Притоа,изрази надеж дека и грчката страна ке го ратификува овој договор, со што би се надминала блокадата од грчка страна за добивање на датум за почеток на преговори. Во однос на реализацијата на реформите во владеењето на правото, а кои ги бара од нас ЕУ, извести и за неодамна усвоениот Закон за борба против корупцијата и судир на интереси, како и за повеќе закони од областа на правосудството, кои се во собраниска процедура. За работата на Комисијата за европски прашања, истакна дека за поздравување е што во Комисијата се постигнува консензус за ЕУ прашањата помеѓу опозицијата и позицијата.
Француските пратеници го поздравија усвојувањето на уставните амандмани, како важен чекор на патот кон ЕУ и НАТО, и ја потврдија подготвеноста за понатамошна соработка и помош во евроинтегративните процеси од страна на Франција. Во тој контекст, истакнаа дека за успешно реализирање на преговорите за членство во Унијата првенствено е значајна квалитетна и професионална администрација, како за подготовка на ЕУ законите, така и за нивна имплементација. Поради тоа, информираа дека Франција е подготвена да и помогне на Македонија во давање на експертска и стручна помош за подготовка на администрацијата во земјата, и дека во тек е проект за поддршка на реформата во оваа сфера на владино ниво.
На средбата, се обратија и пратеничките: Ивана Туфегџиќ, Жаклина Пешевска, Елизабета Канческа Милевска и Јагода Шахпаска, Снежана Калеска-Ванчева, Јулиана Николова, кои информираа за постигнатите резултати во однос на донесувањето на реформските закони во областа на разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација во Собранието. Поради тоа, беше истакнато, дека земјата треба да добие датум за почеток на преговорите, за што побараа француска поддршка на јунскиот самит на Советот во јуни во Букурешт.