Романија ќе ја поддржи позитивната одлука за почеток на преговори на Македонија со ЕУ

Имајќи ги предвид актуелните моменти во ЕУ, претстојните избори за нов состав на Европскиот парламент, а потоа и Европската комисија, но и прашањето за Брегзит, Романија за време на нејзиното Претседателство со Унијата се соочува со големи предизвици, но тука во Македонија наидуваме на една ветувачка атмосфера поради тоа што демократските сили во општеството, Владата и Парламентот создадоа еден поттик за одење напред во однос на реформите и надминување на одредени јазови кон европската интеграција.

Ова го порача денеска романскиот амбасадор во земјава Виорел Станила, кој пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања ги презентираше приоритетите на романското претседателство кое почна од 1 јануари оваа година, а ќе трае до 1 јули.

Кохезија е мотото од кое ќе се води романското претседателство. Романскиот амбасадор истакна оти кохезијата ја сметаат како важна за сите најзначајни активности на коишто Унијата е посветена претстојниот период. Три приоритети има романското претседателство, тоа се активностите на Унијата во однос на земјите од Западен Балкан и политиката за проширување на Унијата, политиките за заедничка безбедност и одбрана и Брегзит.

-Ќе продолжиме со политиката што ја водеа претходните два претседавача на Унијата, Бугарија и Австрија, а исто така во однос на проширување ќе дејствуваме во координација со идните претседавачи, Финска и Хрватска, обезбедувајќи континуитет со цели коишто се дел од стратешката агенда на Унијата, рече Станила.

Романскиот амбасадор напомена дека Западен Балкан е регион којшто претставува стратешки интерес за ЕУ, а романското претседателство ќе се насочи кон отстранување на препреките и натамошно зајакнување на меѓусебната комуникација на земјите од регионот.

-Кохезијата е термин којшто не се однесува само на ЕУ, туку е нешто што е применливо и на нејзините односи со партнерите, со земјите кандидати, со државите во нејзиното опкружување, рече Станила и додаде дека овој интегративен пристап на кохезија секако ја вклучува и Македонија и целиот регион на Западен Балкан.

Додаде дека Романија ќе ја поддржи позитивната одлука за почеток на преговори на Македонија со ЕУ.

Пред членовите на Комисијата се обрати и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи кој му честита на Станила за почетокот на романското претседателство, нагласувајќи оти позитивно за Македонија е што во еден толку важен период за неа претседавач на ЕУ е држава која е нејзин голем пријател и поддржувач во процесот на евроинтеграциите.

-Се надевам дека романското претседателство ќе влезе во историјата на Република Македонија, односно за време на претседавањето на Романија ќе почнат преговорите на Република Македнија со ЕУ, рече Османи и истакна оти логото на кохезија под кое се води романското претседателство му оставило голем впечаток поради тоа што е како да било направено за актуелните случувања во Македонија како синоним за интеграција, што е мошне важно да се постигне во нашето општество.

Напомена дека 2018 била историска година за Република Македонија, европската перспектива за земјите од Западен Балкан беше потврдена со стратегијата за проширување што беше потврдено понатаму на Самитот во Софија, за 12 месеци беа решени билатералните прашања со Бугарија, Грција, а беше донесен и Законот за јазиците.

-Со заклучување на овие три теми кои можеби се болни и емотивни на крајот на тунелот се гледа светлината, влезот во ЕУ и НАТО, рече Османи.

Единствениот клуч за да се отвори портата на ЕУ, рече Османи, е да се продолжи по патот на реформите во сферите на безбедносно-разузнавачките служби, правосудниот систем и јавната администрација, но и борбата против корупцијата и организираниот криминал кои беа одредени како приоритетни од страна на ЕУ.

Османи рече дека за сите овие области имаме што да кажеме пред Европската унија, а напомена дека неодамна е донесен и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар пред учесниците на седницата на собраниската Комисија меѓу коишто имаше и амбасадори на други земји членки на ЕУ и регионот, претставници на невладини организации и координаторите на сите пратенички групи, истакна дека Собранието изминатите неколку месеци завршило голема работа во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа, но и во однос на донесување дел од реформските закони меѓу кои и тој за борба против корупцијата.

Голема посветеност, според Жбогар, покажала македонската Влада за финализирање на процесот на уставни измени и натамошно спроведување на реформите и додаде дека таа иста посветеност се очекува да се задржи и во наредните неколку месеци додека трае романското претседателство со цел да се согледа и утврди видлива промена во земјата која што ќе го отвори патот кон отпочнување на преговорите.

-Пред вас има предизвикувачки период со претседателските избори што претстојат што ќе доведе до намалување на времето што е потребно за спроведување на овие реформи, практично остануваат два месеци пред да почне кампањата, што секако ќе ја попречи и работата на Собранието. Клучниот и најтешкиот резултат секако ќе биде да се постигне еден вид на преседан во владеењето на правото и судството. Во однос на тоа беа усвоени некои закони следејќи ги препораките од ЕК, од Венецијанската комисија, од ГРЕКО што е навистина добро, но промената на законите не е доволна за да се промени однесувањето, порача Жбогар.

Изрази надеж дека што е можно побрзо ќе бидат назначени членовите на новата Антикорупциска комисија и дека изборите нема да се одржат без ваква комисија.

-Новиот состав на Антикорупциската комисија ќе биде индикатор за искреноста на Собранието, на Владата во борбата против корупцијата, рече Жбогар и нагласи дека ЕУ одблиску ќе го следи овој процес.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *